МЕПСО со повик до земјоделците да внимаваат на далекуводите

Макфакс

22/06/2026

13:10

201

Големина на фонт

а а а

АД МЕПСО ги предупредува земјоделците да бидат внимателни при работа во близина на далекуводите за да се обезбеди безбедноста на луѓето и стабилноста на електроенергетскиот систем.

АД МЕПСО ги повикува земјоделците во периодот на наводнување и жетва, да бидат особено внимателни при користење на системите за наводнување, земјоделската механизација и другата опрема во близина на далекуводите од преносната мрежа.

Безбедносни упатства

„Заради безбедност на луѓето и сигурност на електроенергетскиот систем, неопходно е да се почитуваат следните упатства: не поминувајте со комбајни или друга робусна земјоделска механизација под проводниците на далекуводите, не поставувајте цевководни системи за наводнување во далекуводните траси и под проводните јажиња, не ги кревајте металните цевки во близина на проводниците, бидејќи металот е проводник на електрична енергија, не го поставувајте прскалките за наводнување под проводниците и во безбедносните коридори на далекуводите. Допирот на водениот млаз со проводниците може да предизвика сериозни последици и да го загрози човечкиот живот. Не палете стрништа во близина на далекуводи, бидејќи пожарите можат да предизвикаат прекини и оштетувања во електропреносниот систем“, се наведува во соопштението.

Апели до граѓаните

Дополнително, МЕПСО апелира до спортските риболовци да бидат внимателни при користење на риболовните стапови во близина на далекуводите, а граѓаните да не вршат градежни работи на трасите и заштитните коридори на далекуводите.