Во Галичник беше промовирана иницијативата на Месната заедница за зачувување, обновување и одржлив развој на културното наследство, со поддршка од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и локалните власти, со цел заштита и ревитализација на значајни историски објекти и традиции.
Под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во Галичник беше промовирана иницијативата на Месната заедница Галичник за зачувување, обновување и одржлив развој на еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет и традиција.
Пред претставниците на дипломатскиот кор, меѓународните организации и бизнис секторот, како и во присуство на градоначалникот на Општина Маврово и Ростуше, Онер Јакупоски, преставниците на Месната заедница Галичник преводени од претседателот Огнен Караѓозовски презентираа иницијатива за зачувување, унапредување и ставање во функција на објекти од исклучително историско, културно и општествено значење за Галичник.

Иницијативата опфаќа активности за заштита и ревитализација на вила „Доста“, Културниот дом, Административниот објект и Галичка фурна.
Учесниците на настанот, покрај објектите опфатени со иницијативата, посетија и повеќе знаменитости на Галичник, како што се традиционалната галичка куќа „Филиповска“, црквата „Св. Петар и Павле“, каде беше направен осврт на Галичката свадба како една од најпрепознатливите културни манифестации, куќата на Ѓоргија Пулевски и црквата „Света Петка“.
Сиљановска-Давкова во обраќањето пред присутните рече дека Галичник е многу повеќе од музеј под отворено небо, бидејќи неговото наследство живее во камените куќи, црквите, песните, обичаите и во спомените на генерациите кои постојано му се навраќаат. За неа, секој вложен напор во Галичник претставува вложување во заедничкото културно наследство и во иднината на државата.

Поздравувајќи ја иницијативата на Месната заедница Галичник, таа повика на пошироко партнерство меѓу државните институции, локалната самоуправа, деловната заедница, иселеништвото и сите поддржувачи на културното наследство за да се обезбеди долгорочна заштита и развој на Галичник.
Сиљановска-Давкова порача дека зачувувањето на Галичник не значи само грижа за минатото, туку и создавање инспиративна основа за иднината, покажувајќи дека традицијата и напредокот можат успешно да чекорат заедно.
На настанот, Месната заедница Галичник ѝ додели посебно признание на претседателката Сиљановска-Давкова за покровителството, поддршката и личниот придонес во афирмацијата на Галичник и Галичката свадба, како и за поддршката на иницијативите насочени кон зачувување на културното наследство и развојот на Галичник.















