Елиф Елмас се врати во Наполи и одигра една сезона како позајмен фудаблер, но во ситуација кога клубот не планира да ја активира клаузулата за откуп, Македонецот во прв момент ќе мора да се врати во Ред Бул Лајпциг, клуб кој ги поседува неговите права.
Елмас не се изнаигра во Германија и уште во оваа фаза од месец јуни е јасно дека бара нова средина, а како играч кој ужива голема репутација на „чизмата“, сега се поврзува со сензационален трансфер во најтрофејниот клуб во Италија.
Италијански „Скај“ ексклузивно информира дека Лучијано Спалети го посакува Елмас за својот Јувентус, не само поради извонредната соработката која ја имаше со Македонецот во Наполи, туку и поради фактот што го гледа Елиф како голем работник кој може позитивно да одговори на различни позиции на теренот.
Елмас под водство на Конте покажа дека може да игра речиси на сите позиции во средниот ред и импресионираше со својата поливалентност, а Спалети сака токму таков играч за новата сезона во Торино.
Во овој момент станува збор само за пројавен интерес и нема испратено официјална понуда, но инсајдерот на „Скај“, Ди Марцио информира дека многу брзо тоа може да се промени.







