Министерот за здравство, Азир Алиу, на трибина посветена на органодарителството, ја изрази најдлабоката благодарност до семејствата на органодарителите и најави засилување на институционалниот ритам за подобрување на системот и подигнување на свесноста за дарување органи.
Министерот за здравство, Азир Алиу денеска се обрати на трибина посветена на органодарителство, во организација на Владата, Министерството за здравство и Националната координаторка за трансплантација, проф. д-р Билјана Кузмановска, во рамки на националната кампања за подигнување на свесноста за органодарителството и трансплантацијата.
„Денес најдлабоката благодарност ја упатуваме до семејствата на органодарителите. Во момент на неизмерна лична загуба, нивните одлуки спасиле други животи. Затоа, органодарителството не смее да биде тема за која првпат разговараме во болничките ходници. За него мора да зборуваме порано, во семејствата, образовните институции, меѓу лекарите и пациентите, отворено, одговорно и без предрасуди. Министерството за здравство, заедно со националната координаторка и трансплантациските тимови, во само два месеца, во рамки на националната кампања „Органодарителството ѝ дава највисока смисла на човечноста“, сними и објави повеќе од дваесет видеа. Пред јавноста застанаа хирурзи, специјалисти, медицински сестри и членови на тимовите – секој со својата хумана страна на својата професија. Во наредниот период, кон оваа кампања се приклучуваат и граѓански здруженија од оваа област со свои пораки за поддршка на органодарителството“, истакна министерот Алиу во обраќањето.
Тој додаде дека Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за земање и пресадување делови од човечкото тело заради лекување веќе е во финална владина постапка. Со законските измени, секој полнолетен граѓанин при посета на својот матичен лекар ќе треба да се произнесе дали сака или не сака по смртта да биде органодарител. Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во „Мој термин“, и тоа безбедно и со двојна верификација, при што секој ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука.
Воедно, министерот Алиу потенцираше дека кога системот ќе започне со примена, ќе биде првиот што ќе се регистрира како органодарител.
„Со поддршка на Владата и на сите релевантни институции, темата за органодарителството конечно ја поставуваме таму каде што припаѓа, во средиштето на јавниот разговор. Нашата цел не е само да имаме медицински подготвени тимови. Потребно е да изградиме и општество кое ја разбира вредноста на дарувањето, му верува на системот и знае дека една одлука може да спаси повеќе човечки животи. Ова е само почеток, институционалното темпо ќе го засилуваме, системот нема да се предаде затоа што некаде некој чека“, порача министерот Алиу.
Воедно, тој упати голема благодарност до сите трансплантациони тимови кои беа дел од сите сложени операции операции досега: Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување, Национален центар за кардиоваскуларни заболувања, Клиниката за ортопедија, Клиниката за урологија, Клиниката за неврохирургија, Клиниката за нефрологија, Институтот за радиологија, Институтот за трансфузиологија и централна стерилизација.















