Од денеска стапуваат на сила нови правила на македонските патарини. Возачите кои користат МCard повеќе нема да можат да поминуваат низ лентите наменети за МTAG, а надлежните предупредуваат дека непочитувањето на новиот режим може да предизвика дополнителни застои.
Од 15 јуни стартува нов режим на работа на наплатните станици низ Македонија, со кој се воведуваат значајни измени за корисниците на електронските системи за плаќање патарина.
Според информациите од Јавното претпријатие за државни патишта, лентите означени за МTAG отсега ќе бидат резервирани исклучиво за возила кои користат електронски тагови. Тоа значи дека корисниците на МCard повеќе нема да можат да ја вршат наплатата преку овие ленти, како што беше дозволено досега.

Возачите кои користат МCard ќе мора да ги користат останатите ленти на наплатните станици, согласно поставената сигнализација и ознаки. Од надлежните апелираат сите учесници во сообраќајот внимателно да ги следат електронските табли и известувањата пред патарините за да се избегнат непотребни задржувања.
Целта на новите правила е да се овозможи побрз проток на возила и намалување на метежот, особено во пресрет на летната сезона кога сообраќајната фреквенција на автопатиштата е значително зголемена.
Надлежните очекуваат дека раздвојувањето на корисниците на МTAG и МCard ќе придонесе за поефикасна и побрза наплата на патарините низ државата.







