Белгискиот премиер Барт Де Вевер објави снимки од својата мачка Максимус како нов „типстер“ за фудбалски натпревари, која веќе ја предвиде победата на Мексико против Јужна Африка.
Според најавите, мачката ќе ги „предвидува“ исходите на сите натпревари од Светското првенство во Соединетите Американски Држави, а прогнозите ќе бидат објавувани на нејзиниот профил на „Instagram“, пренесува VRT.
Иницијативата ја презеле вработените во кабинетот на премиерот, а не самиот премиер, чие интересирање за проектот, како што наведуваат, е „ограничено“.
Максимус во својата прва прогноза ја најави победата на Мексико над Јужна Африка во воведниот натпревар на турнирот.
Доколку прогнозата се покаже точна, мачката би можела да добие понуди од спортски медиуми, додека во спротивно „ќе остане на функцијата шеф на кабинетот на премиерот“, соопштуваат администраторите на страницата.

Пред Максимус, на светските фудбалски првенства веќе се појавуваа различни „животни типстери“, меѓу кои хрчакот Кевин во 2014 година, мачката Ахил во 2018 година и птицата Нејар во 2022 година.
Останува да се види дали Максимус ќе ја продолжи традицијата на своите претходници и ќе стане новата сензација на Светското првенство.







