Николова: Интерпелацијата за Трипуновски е гласот на илјадници земјоделци и нивните семејства

Макфакс

10/06/2026

21:32

168

Големина на фонт

а а а

Даниела Николова од СДСМ го критикува министерот за земјоделство Цветан Трипуновски за неисполнети ветувања, доцнење на субвенции и серија корупциски скандали во ресорот, истакнувајќи дека интерпелацијата е глас на илјадници загрижени земјоделци и нивните семејства.

Министерот Трипуновски е дел од владин тим кој покажа дека нема капацитет да ја води државата, а наместо нов почеток за земјоделците, остави зад себе неисполнети ветувања, неизвесност и корупциски скандали, нагласи пратеничката од СДСМ, Даниела Николова, на денешната собраниска седница на која на дневен ред беше интерпелацијата за министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски, поднесена од пратеничката група на СДСМ и коалицијата.

Николова посочи дека интерпелацијата е гласот на илјадници земјоделци и нивните семејства, кои денес се оставени сами да се снаоѓаат без поддршка од институциите, додека доцнат исплатите на субвенциите во речиси сите гранки од земјоделството.

„Тој е еден од оние кои дојдоа на функција ветувајќи некаков нов почеток за земјоделците, ветувајќи повеќе пари, повеќе поддршка, повеќе сигурност за нив. Ветуваше загарантиран откуп, ветуваше нови инвестиции, рестартирање на преработувачките капацитети, ветуваше нова ера во земјоделството, но тој дозволи земјоделието наместо да биде една од клучните гранки во економијата, тоа да се претвори во симбол на неизвесност, на разочарување, но и синоним на корупција, корупција и неспособност барем кога тој и неговиот тим се во прашање. Затоа интерпелацијата која ја поднесовме е всушност глас на илјадници земјоделци и на нивните семејства. Оние земјоделци кои денес се оставени сами да се снаоѓаат како умеат, без никаква поддршка од институциите“, рече Николова.

Таа нагласи дека земјоделците со месеци ги чекаат субвенциите кои законски им следуваат, додека Владата упорно кажува дека нема никаков проблем.

„Секој земјоделец денес се прашува каде се парите кои ги заработил со својата мака. Тутунарите ги чекаат своите заработени пари, а вие ветувавте дека ќе им ги исплатите субвенциите до крајот на април, па до крајот на мај, но сега е веќе средина на јуни и парите ги нема. Доцнат субвенциите за сточарите, за млекопроизводителите, за полјоделците, за градинарите, за пчеларите. Има ли некој на кој не му должите? Има ли некој што навреме ги земал парите кои ги заработил со својата пот и мака? Навистина е несфатливо како не може да обезбедите средства за земјоделците, а тврдите дека сме трета, втора, можеби во меѓувреме станавме и прва економија, барем според премиерот“, рече Николова.

Притоа, Николова посочи дека наместо поддршка за малите производители, сведоци сме на укинување мерки, кратење програми и политики кои ги фаворизираат големите корисници на државна помош.

„Дали сте свесен, министре, дека тие пари на земјоделците не им се потребни за да си купат скапи часовници од 60.000 евра? Потребни им се за сеидба, прихрана, ѓубриво, нафта, жетва, за берба. Во овие две години малите семејни стопанства исчезнуваат, фармите се затвораат. Наместо поддршка за малите производители сведочиме на укинување на мерки, кратење на програми, намалување на можностите за нивен опстанок. Тој удар е токму врз илјадници мали производители. За неколкумина големи, веројатно блиски на оваа власт, ќе обезбедите милионска поддршка. Вие всушност ја водите политиката на оттурнување и уништување на малите и фаворизирање на големите“, рече Николова.

Таа додаде дека интерпелацијата не се однесува само на неисплатените субвенции, туку и на изгубениот кредибилитет на институциите по серијата корупциски скандали во ресорот.

„Оваа интерпелација не е само за неисплатените субвенции. Ова е интерпелација и за изгубениот кредибилитет на институциите во овој ресор кога вие сте министер. Двајца директори од клучни институции во ресорот се поврзуваат со случаи на мито и корупција. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој беше фатен како бара поткуп во износ од 50.000 евра за доделување грант од ИПАРД 3 програмата, а директорот на Државниот инспекторат беше фатен и приведен при примање поткуп од 100.000 евра, од кои 50.000 евра беа во готовина кај него при апсењето кое се случи во подземниот паркинг на станбениот комплекс во населбата Аеродром каде што вие живеете“, рече Николова.

Николова нагласи дека граѓаните со право бараат одговорност поради аферите што се случуваат во најтесниот круг на министерот.

„Дали станува збор за случајност или за нешто повеќе? Јавноста со право се сомнева дека не станува збор за изолиран случај, туку за систем кој мора да биде целосно разоткриен“, рече Николова.