Мицкоски: Владата ќе направи сé што може да им помогне на бизнисите чие производство е наменето за извоз

Макфакс

08/06/2026

13:30

170

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата ќе направи сè што може да ги поддржи бизнисите чие производство е наменето за извоз, при посетата на новата фабрика на „Винчини“ за производство на вафли, што претставува значаен економски проект со регионален потенцијал.

Владата ќе направи сé што може да им помогне на бизнисите чие производство е наменето за извоз, изјави премиерот, Христијан Мицкоски, кој присуствуваше на пуштање во работа на новата фабрика на „Винчини“ за производство на вафли, вредна 8,5 милиони евра.

„Јас би сакал да кажам дека сум исклучително импресиониран за тоа што од еден скромен семеен бизнис Винчини, односно Макрпогрес во случајов, прераснува во, би рекол, регионален гигант. Со промет од повеќе од 40 милиони евра, компанијата навистина претставува еден од фундаментите, од темелите на македонската кондиторска индустрија. Ние како Влада се разбира ќе сториме сè што можеме за да помагаме ваков тип на бизниси, бидејќи околу 80-тина проценти од вкупното производство е практично производство наменето за извоз“, рече Мицкоски и додаде дека „Макпрогрес“, дали директно преку својот бренд „Винчини“ или како приватен бренд, произведува веќе и 80 проценти од своето производство го дава за извоз.

Отворањето на новата фабрика за производство на вафли, се реализира за само шест месеци, со значајно учество на домашни градежни компании, инженери, проектанти и изведувачи. Објектот располага со две современи производни линии за производство на вафли и сродни кондиторски производи, наменети како за домашниот пазар, така и за повеќе од шеесет странски пазари на кои денес се присутни производите на „Винчини“.

Со стартот на производството веднаш се отворени 40 директни работни места, додека во текот на следната година се планираат уште 40 дополнителни нови вработувања. Новата фабрика ќе се овозможи зголемување на производствените капацитети на „Винчини“ за околу 30 проценти, како и значително зголемување на извозот и присуството на меѓународните пазари.