Изложба на 30 уметници во Македонскиот културен центар во Тирана

Макфакс

08/06/2026

10:00

117

Големина на фонт

а а а

Во Македонскиот културен центар во Тирана се одржува изложба посветена на 30 години од Ликовната колонија Кавадарци, каде учествуваат 30 уметници од различни земји, промовирајќи ја македонската култура и регионалната соработка меѓу уметниците.

Во Македонскиот културен центар во Тирана вчера беше отворена значајна изложба со која се одбележаа 30 години од постоењето на Ликовната колонија Кавадарци.

На изложбата се претставени дела од 30 ликовни уметници, создадени за време на нивниот престој на колонијата, а авторите доаѓаат од повеќе земји – Северна Македонија, Албанија, Косово, Бугарија, Србија, Грција, Англија и Турција .

Куратор на изложбата и организатор на уметничката колонија во Кавадарци е истакнатиот македонски уметник Владимир Темков. По повод овој значаен јубилеј, тој истакна дека во рамките на Ликовната колонија досега учествувале повеќе од 500 уметници од Европа, нагласувајќи ја нејзината важност како уметничка платформа за комуникација, соработка и творечки развој.

На изложбата присуствуваше уметницата од Македонија Радица Лелова Докузовска, која е дел од оваа изложба со своја слика. Меѓу посетителите на изложбата имаше и уметници од Албанија, Италија, Белгија, САД и Украина, кои изразија желба да учествуваат на следното издание на колонијата во Кавадарци.

Токму во тој контекст, Македонскиот културен центар во Тирана продолжува да ја остварува својата мисија за промоција на македонската култура и отворање нови можности за контакти, соработка и обединување на уметниците од регионот и пошироко.

Изложбата ќе биде отворена за посетители во текот на месец јуни.