[ВИДЕО] Граѓаните ќе плаќаат до 120 денари провизија за една уплата во банка, Крмов повика институциите да не останат неми набљудувачи

Макфакс

07/06/2026

12:41

443

Големина на фонт

а а а

Пратеникот Борислав Крмов предупредува дека најавеното зголемување на банкарските провизии ќе ја влоши финансиската состојба на граѓаните, особено на пензионерите, и повика институциите да не останат неми набљудувачи на овие процеси во банкарскиот сектор.

Најавеното зголемување на банкарските провизии претставува уште еден удар врз животниот стандард на граѓаните и уште еден доказ дека банкарскиот сектор продолжува да ги става профитите пред интересите на населението, рече денес пратеникот Борислав Крмов.

Иако банките според Крмов, веќе остваруваат рекордни добивки, наместо да ги намалуваат трошоците за своите корисници, тие најавуваат нови поскапувања на услуги за кои имаат минимални или речиси никакви реални трошоци.
„Провизиите во моментов учествуваат со околу 18 проценти во нето-добивката на банките. Тоа се над 100 милиони евра годишно, односно околу 107 милиони евра. Наместо да ги намалуваат трошоците за граѓаните, банките повторно посегнуваат по нивниот џеб“, вели пратеникот Крмов.
Според најавите, плаќањето сметки во банка, кое сега чини меѓу 50 и 90 денари, ќе поскапи за дополнителни 30 денари, што значи дека граѓаните ќе плаќаат и до 120 денари провизија за една единствена уплата, пресмета Крмов.
„Најпогодени од овие поскапувања ќе бидат пензионерите, кои најчесто ги користат шалтерските услуги и немаат можност или навика да користат електронско банкарство“, посочи Крмов.
Дополнително, вели Крмов, се најавува поскапување на одржувањето на платежните и девизните сметки, како и воведување повисоки надоместоци за меѓународни трансакции.

„Ќе се зголеми цената за одржување на платежна сметка, ќе поскапи и одржувањето на девизна сметка, а за секоја меѓународна трансакција ќе се наплаќа провизија од 0,4 проценти од износот. Тоа се нови и неоправдани трошоци за граѓаните и компаниите“, нагласи Крмов.

Особено загрижувачко, според Крмов, е најавеното зголемување на еднократната провизија за одобрување станбени кредити, каде провизијата ќе достигне цел еден процент од износот на кредитот. Тоа значи дека граѓаните ќе плаќаат и над илјада евра само за привилегијата да земат кредит за сопствен дом.
Во услови кога платниот промет станува неопходен дел од секојдневниот живот, Крмов вели дека институциите не смеат да останат неми набљудувачи на ваквите процеси.

„Не може редот во една држава да зависи од нечија добра волја. Платниот промет денес е фактички јавна услуга и јавно добро. Во современото општество никој не може нормално да функционира без банкарски услуги. Затоа е недозволиво цените и пристапот до ова јавно добро да зависат од интересите на неколку моќни финансиски институции“, порача Крмов.