Црната комедија Бардо Тодор на 9 јуни ќе се одигра во Скопје

Макфакс

04/06/2026

11:40

175

Големина на фонт

а а а

Црната сатирична комедија „Бардо Тодор“ ќе се одигра на 9 јуни во Домот на култура во Кисела Вода, носејќи силна порака за последиците од животот во близина на термоцентрала со јаглен. Претставата е инспирирана од народни преданија и тибетски будистички текстови, и има за цел да го поттикне јавниот дијалог за потребата од праведна транзиција во енергетиката.

Црната сатирична комедија „Бардо Тодор“, на 9 јуни, во 20 часот ќе се одигра во Домот на култура во Кисела Вода „Билјана Беличанец“. Претставата која на сатиричен начин носи силна порака е дело на режисерот Сашо Миленковски и авторот Сашо Кокаланов, а е помогната од Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“.

Актерска екипа е составена од младите актери Надица Дојкоска, Наум Ѓорѓиески и Димитар Паскоски. Од „Еко-свест“ напоменуваат дека влезот за оваа претстава е бесплатен за сите оние кои ќе дојдат да ја погледнат во Домот на култура во Кисела Вода „Билјана Беличанец“.

За претставата

Кокаланов вели дека „Бардо Тодор“ е црна сатирична комедија која зборува за страшните последици по животот на луѓето кои живеат како први соседи на една термоцентрала со коп на јаглен, приклештени во противречноста – убиецот да им е и главен работодавец. „Приказните се пародија направена според мотиви од приказните за треската, борџот и чумата на Марко Цепенков, како и „Бардо Тодор“, тибетски будистички текстови за искуството на душата по смртта, во западниот свет книга позната како „Тибетска книга на мртвите“.

Идејата беше да се направи драмска нарација во која, паралелно, преку современи ликови и преку нивно карикирање во духот на антологиските ликови од народните преданија, ќе се зборува за апсурдноста на прифаќање на реалноста да се живее во близина на масовен убиец само затоа што тој убиец обезбедува некаква егзистенција“, наведе авторот за претставата. Тој истакна дека едночинката ќе се игра на отворено, за да му се даде можност на Комбинатот (РЕК Битола) да биде лик во комедијата. „Притоа, ќе се обидеме да испратиме некои пораки за потребата од праведна транзиција – убиецот да е затворен, но притоа крајот да не се опустоши“, наведе Кокаланов.

Поддршка од Еко-свест

Од Центарот „Еко-свест“ нагласија дека ваквиот тип на претстави се наменети да допрат до широката јавноста за потребата да се направат промени во однос на производството на електрична енергија на јаглен, што носи страшни последици врз здравјето на луѓето. „Нашата главна цел е да ја заштитиме природата и да се спротивставиме на се она што и штети, вклучително и на штетните влијанија врз здравјето на луѓето. Затоа целосно поддржуваме ваков вид на проекти и секојдневно гласно говориме чекорите кои треба да се преземат со цел да се промени моменталната состојба“, потенцираа од „Еко-свест“. Оттаму нагласија дека се надеваат дека пораката што ја испраќа претставата ќе допре до граѓаните.