Причината за смртта засега не е официјално потврдена, а спортската јавност во Босна и Херцеговина и регионот се простува од еден од најпознатите коментатори на својата генерација.
Босанскохерцеговскиот спортски новинар и коментатор Един Авдиќ почина во 47-та година од животот, потврдуваат регионалните медиуми. Станува збор за еден од најпрепознатливите спортски коментатори во Босна и Херцеговина и поширокиот регион, особено познат по кошаркарските преноси.

Авдиќ е роден на 19 јуни 1979 година во Сараево, а во текот на кариерата изгради репутација на стручен коментатор кој особено ги следеше американската и европската кошарка.
Во сеќавањето на публиката остануваат неговите емотивни и препознатливи коментари, меѓу кои се издвојува преносот на натпреварот Босна и Херцеговина – Литванија на Европското првенство во кошарка во 2013 година, кога ја изговори познатата реченица: „Телетовиќ, од соблекувалната, од паркингот“.
Пред да влезе во новинарството, се занимавал со кошарка во младинските категории на КК Босна, а дипломирал новинарство на Факултетот за политички науки во Сараево. Неговиот професионален пат потоа го одвел во спортското новинарство, каде што стана едно од најпознатите имиња во регионот.

Во текот на кариерата работеше на Федералната телевизија и ОБН, а подоцна стана едно од заштитните лица на телевизијата Арена спорт. Особено беше ценет како коментатор на Евролигата, НБА лигата и АБА лигата, поради комбинацијата од стручно знаење, статистичка анализа и препознатлив стил.
Причината за смртта засега не е официјално потврдена, а спортската јавност во Босна и Херцеговина и регионот се простува од еден од најпознатите коментатори на својата генерација.








