Ако може да им се верува на поранешните помошнички на „железната дама“ на светската мода, соработката со Ана Винтур многу потсетува на она што го видовме во филмот „The Devil Wears Prada“.
Одамна веќе не е тајна дека ликот на Миранда Пристли во култниот филм „The Devil Wears Prada“ е инспириран од долгогодишната уредничка на списанието „Vogue“, Ана Винтур. Имено, Лорен Вајсбергер, авторката на истоимената книга врз која е базиран филмот, своевремено била нејзина асистентка.

Сега три поранешни вработени, кои анонимно разговарале со новинарката и биографка Ејми Одел, открија како навистина изгледал работниот ден на една од најмоќните жени во модната индустрија.
Според нивните зборови, работата за Ана Винтур била многу слична на она што публиката го видела на филмското платно. Барањата, тврдат тие, пристигнувале непрекинато, често доцна навечер или за време на викендите, а асистентите морале да бидат подготвени да реагираат во секој момент.
Една од нив раскажала дека, штом ќе се прочуело дека Ана доаѓа во канцеларијата, сите панично ги средувале работните маси и проверувале дали сѐ е на своето место.
Постоело и непишано правило дека „Ана не смеела да биде прашувана за дополнително објаснување или помош“, а наводно вработените постојано добивале електронски пораки, и дење и ноќе, со барања како: „Поврзи ме телефонски со оваа личност“, „Морам да се видам со оваа личност“ или едноставно „Кафе, молам“.

За време на викендите, Ана Винтур наводно ги замолувала да ја потсетат на различни обврски во текот на претстојната седмица или им испраќала итни задачи. Понекогаш тоа било да пронајдат примероци од стари весници или веднаш да ѝ испратат во Лондон книга што ја оставила во њујоршката канцеларија.
Ејми Одел пишува дека некои од тие барања биле нејзин начин да ги „малтретира“ новите асистенти, а други објасниле дека тоа не било тестирање на луѓето, туку „нејзина потреба да доминира со нивните животи“.
Одел во книгата „Anna: The Biography“ од 2022 година наведува дека Ана Винтур секогаш имала двајца или тројца асистенти, од кои секој имал свои одговорности.
Првиот асистент, кого во филмот го игра Емили Блант, бил задолжен за распоредот, додека вториот бил во контакт со готвачите и куќните управители на домовите на Ана на Менхетен и Лонг Ајленд, ги координирал нејзините филмски проекции и се грижел за нејзините кучиња.

Кога новата втора асистентка почнала да работи, добила прирачник со информации за сѐ што треба да прави (дури 21 страница!), од управување со трошоците на Ана до одржување на нејзиниот дом. Работата на третата асистентка била да извршува различни задачи и наизменично да дежура за време на викендите заедно со втората.
Во книгата е наведено и дека од асистентите се очекувало да дојдат во канцеларијата помеѓу 7 и 7 и 30 наутро секој ден, дека втората и третата асистентка добивале повици и пораки за време на викендите, дека втората била задолжена за нарачување појадок (мафин со боровинки и кафе), како и дека не би било добро ако кафето не ја чека.
Втората асистентка ја носела нејзината торба со монограм во која имало книги и документи што модната новинарка ги носела дома преку ноќ, како и нејзиниот планер од крокодилска кожа.
Како и во филмот „The Devil Wears Prada“, кога главната и одговорна уредничка пристигнувала на работа, вработените наводно брзале да се погрижат сѐ да биде според нејзината волја.
„Беше како во „The Devil Wears Prada“, кога сите велат: „Таа доаѓа!“ Постојано брзав да подготвам сѐ“, открила една асистентка.

Потоа асистентите запишувале сѐ што ќе кажела Ана Винтур, а наводно избегнувале да влегуваат во лифт со неа за да не ги затекне без пенкало и хартија доколку одеднаш почне да дава инструкции без прекин.
Наводно на асистентите најтешко им паѓало тоа што не можеле да ја прашаат за дополнително објаснување или помош откако уредничката ќе кажела што треба да се направи, исто како ликот на Миранда Пристли во филмот. Вработените морале да се помират и со тоа што шефицата не им ги паметела имињата, но „некои во канцеларијата тоа го гледале како еден од понижувачките аспекти на работата“.
Една од највпечатливите сцени во филмот „The Devil Wears Prada“ е онаа кога Миранда со поглед го осудува синиот џемпер на својата асистентка Енди, а Ана Винтур наводно, исто како и Мерил Стрип во филмот, обрнувала внимание на тоа што носат луѓето околу неа.
Поранешната втора асистентка Мередит Аспланд еднаш раскажала дека памети како уредничката ја гледала во текот на двете години додека работела во списанието „Vogue“.
„Тоа не беше гледање како знак на одобрување. Беше нешто во стилот: „Што, по ѓаволите, е ова?“. Се гледаше дека се прашува зошто би ги облекла тие панталони со таа блуза“, се присетила таа пред извесно време, откривајќи и дека за високите потпетици не се преговара. Тие се подразбираат.
Иако со години се веруваше дека ликот на Миранда Пристли е малку претерана филмска верзија на Ана Винтур, сведоштвата на поранешните асистенти сугерираат дека реалноста можеби била поблиску до филмот отколку што претходно се мислеше...