Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков ја обвинува СДС за афери, местање на тендери и криминал, истакнувајќи го уапсениот Стефан Богоев како главно лице поврзано со овие активности.
Поранешниот потпретседател на СДС и поранешен директор на Царина, како и поранешен градоначалник на Карпош, Стефан Богоев е уапсен поради сомнение за местење на тендери за надворешно одржување хигиена на гранични премини и терминали, кажа на прес-конференција Миле Лефков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
На сајтот на јaвни набавки се гледаат, вели тој, неколку тендери за оваа намена на кои потпис ставил Богоев. Повеќето, како што рече, ги добиле јaвни претпријатија, а два тендери кои ги добила битолска фирма се со највисока вредност и во износ од околу 350 илјади евра.
„Поранешниот претседател на СДММ и дете израснато од Зоран Заев кој во дадени моменти се заговараше и дека треба да го наследи, според обвиненијата наместил тендери заедно со уште едно лице Александар Спирковски викан Џемо од Прилеп, инаку поранешен претседател на ОО на СДС.
Џемо инаку е лице кое во Прилеп плаќаше луѓе за да гласаат за СДС, лице кое тепа сограѓани сред бел ден и за тоа не одговара. Претходно тој беше и приведен како дел од аферата со прилепската болница кога Основното јавно обвинителство отвори истрага за финансиското работење во болницата“.
Ова, додава Лефков, е вистинското лице на СДС. „Афери, тендери, рекети и криминал. Одговорност за криминалите на СДС мора да има“.







