На Бахамите пронајдени остатоци од бродови на карипските пирати

Точка

02/06/2026

17:31

404

Големина на фонт

а а а

Истражувачите пронашле шест бродоломи на бродови поврзани со озлогласените пирати Црнобрадиот и Калико Џек Рекам.

Меѓународен тим археолози во пристаништето Насау на Бахамите ги откри првите бродоломи поврзани со вистински карипски пирати од златната ера на пиратството, меѓу кои биле озлогласените Црнобрадиот и Калико Џек Рекам.

Во текот на експедицијата во затворен дел од пристаништето Насау, истражувачите пронашле шест потонати бродови, од кои за три се верува дека потекнуваат од периодот меѓу крајот на 17 и почетокот на 18 век, кога Насау на островот Њу Провиденс бил едно од главните засолништа на карипските пирати, пренесува „Гардијан“.

Меѓу најзначајните пронајдени остатоци се јагленисани дрвени облоги од брод, железен топ, помали ротирачки топови познати како „свивел“ топови, 25 оловни мушкетни куршуми и камен за острење сабји.

Археолозите наведуваат дека пиратите често ги палеле запленетите бродови откако од нив ќе го одземеле вредниот товар, оружјето и опремата, со цел да ги скријат трагите од своите активности.

Поради тоа се претпоставува дека пронајдените јагленисани остатоци би можеле да бидат поврзани со некој пиратски напад.


Британскиот поморски археолог Шон Кингсли изјави дека ова откритие претставува само почеток на истражувањата и дека во пристаништето и неговата околина би можеле да се наоѓаат уште десетици неоткриени бродоломи.

Истражувачите ја разгледувале и можноста пронајдениот бродолом да му припаѓа на бродот „Фенси“, брод на пиратот Хенри Евери, кој во 1695 година извел една од најпрофитабилните грабежи во историјата на пиратството.


Покрај оружје и остатоци од бродови, експедицијата пронашла и делови од бродска опрема, стаклени шишиња, тули од бродска кујна, како и дури 143 глинени лулиња за тутун.

На дел од лулињата се наоѓаат симболи на еднорог, круна и кралскиот грб на Англија, што укажува дека биле произведени во Лондон околу 1740 година.


Според експертите, пронајдените остатоци претставуваат ретка можност за проучување на вистинскиот живот на карипските пирати и на периодот кога Насау, по падот на пиратската доминација, повторно станал важно трговско пристаниште.

Откритијата се дел од проектот „Експедиција Пирати на Њу Провиденс“, а беа претставени и во документарната мини-серија „Мистеријата на богатството на пиратскиот крал“, која премиерно беше прикажана оваа седмица, пренесува Танјуг.