Сиљановска Давкова – Раши: Земјата е технички подготвена за отворање на преговорите

Макфакс

02/06/2026

18:10

199

Големина на фонт

а а а

Средба во Братислава меѓу претседателката на македонското Собрание Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Националниот совет на Словачка Рихард Раши каде се разговараше за зајакнување на парламентарната соработка и поддршката за евроинтеграциите на Македонија.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска во Братислава оствари тет-а-тет средба со претседателот на Националниот совет на Република Словачка, Рихард Раши.

Обајцата ја потврдија заедничката определба за интензивирање на парламентарната соработка меѓу двете земји.

Во парламентарната дипломатија препознаваат суштински механизам за размена на искуства, градење доверба и зајакнување на демократските институции.

Укажувајќи на нејзиното пратеничко искуство во македонското Собрание, Сиљановска-Давкова ја нагласи важноста на парламентите како „школи на демократијата“ и институции коишто обезбедуваат континуитет, отчетност и директна врска со граѓаните, како извор на нивниот легитимитет.

Претседателката ја поздрави историската улога на словачкиот Парламентарен институт, којшто заедно со чешкиот партнер, значајно придонесе во воспоставувањето и обуката на Парламентарниот институт во рамките на македонското Собрание.

Раши ја потврди словачката поддршка на македонските евроинтеграции, потенцирајќи дека проширувањето на ЕУ мора да остане процес заснован на заслуги, во којшто важат исти правила за сите земји кандидатки.

Сиљановска-Давкова нагласи дека земјата е технички подготвена за отворање на преговорите и дека очекува процес којшто ќе биде кредибилен, предвидлив и ослободен од билатерални оптоварувања.

Соговорниците констатираа дека македонско-словачките односи се одвиваат со позитивна динамика, без отворени прашања и со растечка соработка во бројни области.