Емоционалната интелигенција им помага на децата подобро да се разберат себеси и другите. Психологот открива како да се препознае дека децата ја развиваат на правилен начин.
Емоционалната интелигенција е важна за препознавање, разбирање и регулирање на сопствените емоции, но и за градење квалитетни односи со другите.
Иако многу родители сакаат да им помогнат на децата да ги развијат овие вештини, не секогаш е лесно да се препознаат знаците дека тие навистина се развиваат. Според психологот Марко Траверс, една навика особено се издвојува како показател на емоционална интелигенција кај децата.

„Главниот знак дека вашето дете е емоционално интелигентно е ако на глас ги именува емоциите“, вели Траверс за „Psychology Today“.
Психолозите оваа практика ја нарекуваат „именување на емоции“ или „емоционално подучување“, а таа им помага на децата да развијат побогат емоционален речник.
„Способноста за препознавање и именување на чувствата е важна основа на емоционалната интелигенција“, истакнува Траверс, а пренесува N1info.rs.
Големи придобивки од едноставни навики
Траверс наведува дека истражувањата поврзуваат развиен емоционален речник со подобра саморегулација и разбирање на емоциите.
„Децата кои можат да именуваат што чувствуваат полесно се справуваат со предизвикувачки ситуации и подобро ги препознаваат чувствата на другите луѓе“, објаснува тој.

Според Траверс, именувањето на емоциите може да помогне и во моменти на стрес. Тој се повикува на истражување на невронаучникот Метју Либерман, кое покажало дека вербализирањето на чувствата може да ја намали активноста на амигдалата, дел од мозокот поврзан со реакции на закана.
Добрата вест е дека оваа навика може да се развива преку секојдневни разговори.
„Едноставните разговори за емоциите можат да им помогнат на децата да развијат емоционална интелигенција уште од најрана возраст“, наведува психологот.
Прашањата за тоа како се чувствува детето или поттикнувањето со зборови да ги опише своите емоции можат да помогнат во градењето на овие вештини.