ВМРО-ДПМНЕ: Филипче да му пренесе на Радев – без гаранции и без испорака од Бугарија, уставни измени нема да има

Макфакс

01/06/2026

09:24

194

Големина на фонт

а а а

Партијата ВМРО-ДПМНЕ реагира на изјавите на Филипче во врска со уставните измени и бара јасни гаранции од Европската Унија пред да се направат какви било отстапки поврзани со односите со Бугарија.

Филипче се додворува на Радев уште пред тој да стане премиер. Филипче почна да зборува за уставни измени и дека мора да се спроведат без гаранции, а тој уште веднаш би го направил истото доколку би имал власт, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Јасно е дека Филипче го следи моделот на Заев и го носи неговиот политички багаж за да ја задржи фотелјата на Бихаќка. Поради тој модел, беа спроведени последните уставни измени, што доведе до тоа државата да го промени уставното име. Тоа е таа штетна политика на СДС. Сега Филипче немајќи прибежиште, затоа што граѓаните го испратија СДС во опозиција пред скоро две години, се додворува на Бугарија, а членовите на највисокото раководство на СДС, поставени токму од Филипче, одржуваат бугарски релации со активисти кои шират бугарска пропаганда во Македонија. Ставовите на официјална Софија се јасни: македонскиот јазик е бугарски дијалект, македонските револуционери се Бугари, и македонскиот и бугарскиот народ се ист народ во две земји“, велат од партијата.

Додека се додворува на Радев, и додека се обидува да се докопка до власт, велат од ВМРО-ДПМНЕ, Филипче како специјален пратеник на Бугарија во Македонија, да пренесе дека без гаранции уставни измени нема да се случат, и дека Македонија очекува испорака на пресудите од Стразбур.

„Владата на ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи да се прават национални отстапки и штети на државата, сe додека нема јасни и цврсти гаранции од ЕУ“, се наведува во соопштението.