Заменик-министерот Марјан Ристески имаше средба со винариите членки на Здружението „Вина од Македонија“, каде упати повик за аплицирање на институционалната поддршка наменета за винскиот сектор. Средбата беше искористена за дискусија за тековните предизвици во производството и пазарот, а потенцирани беа и значењето на законските измени и долгорочните инвестиции за развој на лозарството и винариството во Македонија.
Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески денес оствари работна средба со повеќе винари–членки на Здружението „Вина од Македонија“.
Ристески пред компаниите презентираше дел од тековните активности на Министерството за економија и труд насочени кон подобрување на бизнис-климата и обезбедување конкретна поддршка за компаниите.
– Препознавајќи го винарството како гранка која има стратешко економско значење за државата, деновиве во Собранието беа донесени неколку измени на Закон за финансиска поддршка на инвестициите, со кои им овозможуваме на компаниите кои се бават со производство на вино од грозје пристап до финансиските средства за инвестиции предвидени со овој Закон. Дополнително, со измените продолжен е и рокот за поднесување на барање за доделување на финансиска поддршка на инвестиции до 15 јуни 2026 година. Ја користам оваа прилика да ги повикам сите компании кои се заинтересирани и ги исполнуваат условите од Законот да аплицираат за достапната институционална поддршка – кажа заменик-министерот Ристески.
На средбата со винариите се дискутираше за актуелните состојби во винскиот сектор, производство и извозот на македонските вина, а беа дадени и конкретни предлози и идеи за унапредување и поддршка на секторот.
Извршната директорка на Здружението „Вина од Македонија“ Елена Младеновска Јеленковиќ истакна дека Македонија има реална можност да се позиционира како винска земја со препознатлив глобален идентитет и сè поголемо присуство на меѓународните пазари, доколку се продолжи со трансформацијата на секторот и со доследната примена на современи светски стандарди и практики и дека е особено важно што сè повеќе се препознава значењето на воведувањето стандарди, системи за квалитет и заштитени географски ознаки, бидејќи токму тие создаваат додадена вредност, препознатливост и поголема конкурентност на македонските вина на глобалниот пазар. Но, ваквите процеси бараат јасно дефинирани критериуми, континуирани инвестиции и долгорочна поддршка на секторот.
– Имаме квалитет, автохтони сорти, одлични климатски услови и сè повеќе винарници кои инвестираат во вистинска насока. Во исто време, иднината на македонското лозарство и винарство ќе зависи и од забрзаната примена на современи технологии, прецизно лозарство, дигитализација, вештачка интелигенција и зелена трансформација, која веќе не е избор, туку предуслов за пристап до најзначајните пазари. Лозарството и винарството претставуваат стратешка гранка за државата и сектор кој учествува со повеќе од 50 милиони евра во извозот. Токму затоа, оваа законска измена претставува позитивен чекор и јасен сигнал дека државата ја препознава важноста на винската индустрија и потребата од поддршка на инвестициите и развојот на винарниците. За реализација на овие процеси неопходни се континуирани инвестиции и силна институционална поддршка, поради што особено го цениме разбирањето и поддршката што Владата и пратениците во Собранието ја покажаа со законските измени со кои винската индустрија дополнително се препознава како стратешки важен сектор – додаде Младеновска Јеленковиќ.
Владата и Министерството за економија и труд се партнери на домашните винопроизводители, само преку заеднички дијалог и соработка можеме да креираме квалитетни политики кои ќе овозможат долгорочен развој на македонската винска индустрија и лозарство.















