Шара повторно ќе обедини илјадници планинари: ПК „Љуботен“ го организира 44-тото традиционално искачување на Титов Врв

Точка

28/05/2026

11:47

206

Големина на фонт

а а а

Повеќе од илјада планинари од Македонија и регионот викендов, на 31 мај, се очекува да бидат дел од 44-тото традиционално искачување на Титов Врв, кое и оваа година го организира Планинарскиот клуб „Љуботен“ – Тетово, продолжувајќи една од најзначајните и најмасовни планинарски традиции во земјава.

Настанот, кој со децении претставува симбол на заедништво, љубов кон планината и планинарскиот дух, од година во година привлекува сè поголем број учесници. Една од најпосетените години досега беше 2016 година, кога околу 1300 планинари беа дел од искачувањето до Титов Врв, потврдувајќи дека Шара има посебно место во срцата на планинарите од целиот регион.


„За нас ова традиционално искачување претставува традиција што ги поврзува генерациите. ПК ‘Љуботен’ повеќе од четири децении ја негува оваа приказна и токму затоа е важно да продолжиме да ја одржуваме – заради љубовта кон планината, заради младите кои допрва треба да ја откријат магијата на Шара и заради чувството на заедништво што секоја година повторно нè собира под ова македонско небо. Титов Врв отсекогаш бил место каде што се создаваат пријателства, спомени и инспиративни животни приказни“, изјави Јован Божиноски, претседател на ПК „Љуботен“.


Годинава, покрај традиционалното искачување, за првпат ќе биде организирана и посебна тура за деца, која ќе се одржи на 30 мај и ќе понуди богата програма исполнета со едукативни и забавни активности, лесна планинарска прошетка, креативни работилници и еко-акции.

Во рамки на настанот ќе биде организиран и планински базар со рачни изработки, локални производи и сувенири. Организаторите најавуваат и планинарско дружење, музика и богата програма на Попова Шапка, каде повторно ќе оживее препознатливиот дух на заедницата што со години го гради ПК „Љуботен“.


На 31 мај, колоната планинари традиционално ќе тргне од Попова Шапка кон Титов Врв по Вакуфската патека, а организаторите најавуваат уште едно незаборавно издание на настанот што веќе 44 години претставува еден од најсилните симболи на македонското планинарство.

Под македонското сонце, со поглед кон Шара, повторно ќе се соберат илјадници луѓе обединети од истата љубов – љубовта кон планината.


Дополнително, годинава по 20-ти пат генерален спонзор на традиционалното искачување е ТТК Банка, додека златен спонзор е А1 Македонија. Овој настан од меѓународен карактер е дел од календарот на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија, која континуирано стои зад активностите на ПК „Љуботен“, заедно со бројни пријатели, спонзори и поддржувачи кои со години придонесуваат оваа планинарска традиција успешно да живее и да расте.