„Кога мене би ме прашале, ова веднаш би го укинал во училиштата“: Д-р Рајовиќ откри зошто децата немаат ни емпатија ни фокус

Кармин

27/05/2026

09:35

1.036

Големина на фонт

а а а

Д-р Ранко Рајовиќ зборуваше за некои од најчестите проблеми кај денешните деца – немаат фокус ниту емпатија, а се поштедени од речиси секоја негативна емоција.

Д-р Ранко Рајовиќ често предупредува дека нашите деца, генерално гледано, „одат по погрешен пат“ – меѓу нив има сè помалку емпатија, стануваат сè понеснаодливи, а фокусот им е сè полош. Гостувајќи во емисијата „Jutro“ на „TV Prva“, тој објасни зошто децата денес имаат недостиг од емпатија, но и кои навики помагаат во развојот на мозокот, зошто поразите и негативните емоции се важни за децата...

Развој на емпатијата

„Екраните променија многу работи. Да земеме видеоигра. Детето игра и поминува прво, второ, трето, петто ниво – што се случува во мозокот? Мозокот е во фокус, се лачи допамин и кога ќе помине ниво, мозокот му дава награда, како потсвесно да му вели: браво, поминавме ниво, се активираат хормоните на среќата. Сега замислете, допаминот и хормоните на среќата се менуваат пет пати за пет минути и кога детето ќе излезе од тоа, сè му е здодевно. Како да учи, како да чита? И повторно се враќа таму каде што му е пријатно – во виртуелниот свет. Веќе десетина години имаме докази дека децата што многу гледаат во екран имаат намален хипокампус, а тој делумно е поврзан со амигдалите, кои ја контролираат емоцијата. Тоа е нов проблем во медицината, никогаш не сме го учеле – како да се намалува емпатијата, затоа има и повеќе врсничко насилство“, рече д-р Рајовиќ, истакнувајќи дека децата се раѓаат со емпатија, но таа некаде по пат се губи.


„Кога детето ќе се роди, има емпатија, малото дете сака да помогне. Погледнете ги малите деца кога можат некому да помогнат... Тоа некаде по пат се губи и треба да се работи на тоа – тимска работа, чувство за другите. Ако во училница имам три екипи и тие работат едни за други, а не едни против други. Играта мора да биде добра. Кога детето му помага на едно, второ, трето дете, и кога тоа го правиме преку тимска работа, тие ќе ја развијат емпатијата“.

Натпреварувањето е важно за децата

Д-р Рајовиќ раскажа дека бил шокиран кога бил во едно училиште во Ванкувер, Канада, на училишен кошаркарски турнир каде што немало поени. Кога прашал зошто нема поени, му одговориле дека така децата што ќе изгубат нема да бидат тажни и дека на тој начин сите се победници.

Сепак, д-р Рајовиќ истакнува дека тоа не е добро, бидејќи децата мора да почувствуваат и тага и други негативни емоции за да бидат подготвени за реалниот живот. Кога станува збор за натпреварувањето, тој вели дека токму поразот нè тера да бидеме подобри.

„Сетете се кога бевте мали. Игравме џамлии и кога ќе изгубев, одев дома и вежбав фина моторика по половина час или еден час. Девојчињата прескокнуваа ластик, па кога ќе изгубеа, ги тераа мајките и бабите да им држат ластик или да го закачат за столици за да вежбаат. Поразот нè тера да бидеме подобра верзија од себе. Мораме да ги научиме децата да губат. Денес имаме деца што не сакаат ни да се обидат – дојдовме до таму што детето не сака ни да игра за да не изгуби“.


Учењето напамет е најниско ниво на учење

Експертот за ран развој истакнува дека учењето напамет, кое и понатаму е многу застапено во нашите училишта, е најниско ниво на учење, а често нагласува дека Кинезите имаат добар систем на учење.

„Тие уште од три-четири години ги користат асоцијативните регии на мозокот, кои им се потребни за да читаат симболи. На пример, симболот за планина, кога пред него стои симбол за оган, значи вулкан. Значи, детето мора да размислува што е тоа. Тие учат да читаат од четиригодишна возраст, а уште од три години учат слики, па потоа преминуваат на симболи. Ние нема да учиме кинески симболи, но ќе учиме тоа што нашето дете во Европа го гледа – марки на автомобили, знамиња и потоа поврзуваме, не детето напамет да учи сто знамиња, туку да поврзува: Египет – пирамида. Така поинаку се активира тој дел од мозокот“, објасни д-р Рајовиќ, додавајќи: „Кога мене би ме прашале, би го забранил учењето напамет, а не да го укинуваме усното одговарање, стресот... Суштината е да имаме креативно дете, со самодоверба и емпатија“.

Прстите мора да работат

Д-р Рајовиќ истакнува дека во Јапонија еден од најважните предмети се домашните ракотворби, а објаснува и зошто тоа е важно.

„Кога мозокот работи со прстите, активира големи регии, а тоа значи фокус, а фокусот денес им е многу важен на децата бидејќи го губат. Мозокот мора да размислува што ќе направи. Во Америка го укинуваа пишувањето, со образложение дека сите имаат тастатура. Но, пишувањето активира многу процеси – силен притисок, слаб притисок, коса линија лево-десно, круг на една и на друга страна, аголот под кој пишуваме за да оставиме потенка или подебела трага. Тоа се стотици информации, а тастатурата го нема тоа. Сега гледам дека повторно го враќаат пишувањето“.


Навики за развој на мозокот

„Апсурдно е што и понатаму морам да зборувам за важноста на движењето, а постојат луѓе што и натаму го оспоруваат. Порака до родителите – најважно до петтата година е децата да бидат спретни и подвижни, за да ги поврзат сите регии на мозокот. Трчање, движење напред-назад, лево-десно, движење на главата лево-десно, вртење – така се создава основата за развој на когнитивните способности. Значи, спретно и подвижно дете“, заклучи д-р Рајовиќ.


Спонзорирани линкови

Маркетинг

назад до tocka.com.mk