Хорор филмот „Obsession“ критичарите го опишуваат како најдобар во последните неколку години: Урна рекорд стар 17 години

Точка

23/05/2026

18:04

348

Големина на фонт

а а а

Хорор-филмот „Obsession“, кој во кината пристигна на 15 мај 2026 година, заработи 17,2 милиони долари во првиот викенд, а потоа го презеде врвот на американскиот бокс-офис од понеделник до среда.

Филмот на режисерот Кари Баркер следи млад човек кој посакува неговата симпатија да се вљуби во него откако ќе употреби навидум обична детска играчка, а таа одлука предизвикува низа застрашувачки последици. Главните улоги ги толкуваат Мајкл Џонстон и Инде Наварет.

Откако викендот го отвори на третото место, „Obsession“ во текот на неделата ги надмина насловите „Michael“, „The Devil Wears Prada 2“ и „Mortal Kombat II“. Со буџет од 750.000 долари, стана најевтиниот хорор-филм што стигнал до врвот на бокс-офисот уште од филмот „Paranormal Activity“ од 2009 година.


Тој филм, според достапните податоци бил снимен за 15.000 долари, а подоцна во широка дистрибуција заработил 107,5 милиони долари на домашниот и 193,3 милиони долари на светскиот пазар. „Obsession“ во текот на првата недела од прикажувањето инкасираше 30,2 милиони долари на американскиот бокс-офис, што дополнително го потврдува силниот интерес на публиката.

За позитивните резултати придонесоа и многу добрите реакции од гледачите и критиката. Филмот има оценка од 95 отсто „Certified Fresh“ на „Rotten Tomatoes“ и „A-CinemaScore“, па се наведува дека би можел да биде редок пример на остварување кое во вториот викенд дури ќе ја зголеми гледаноста, наместо да забележи пад.


Кога станува збор за рецензиите од критичарите, Илајџа Фишер од „FilmJaw“ истакнал: „Дури иако не се држи целосно до својата тематска целина, „Obsession“ и понатаму е исклучително убедлив, забавен и ефектен хорор-филм“.

Сара Ворд од „Screen Hub“ го нарекла „незаборавно вознемирувачки нов хорор-бисер“, додека Маргот Харисон за „Seven Days“ за филмот напишала: „Obsession“ е немилосрдно мрачен, но изопачената комична чувствителност на Баркер го одржува хоророт на болно препознатливо ниво“.


Мишел Киснер од „The Movie Sleuth“ пишува: „Диво морничава и повремено урнебесна, „Obsession“ е морална драма за епидемијата на машка осаменост“.

Хелен О’Хара за британски „Metro“ навела дека „Obsession“ е еден од најдобрите и највознемирувачки хорор-филмови во последните години и означува пробив на сериозен нов талент.

Во филмот глумат: Мајкл Џонстон, Инде Наварет, Купер Томлинсон, Меган Лолес, Енди Рихтер, Хејли Фицџералд и Дарин Тундер.