Наташа Поповиќ од СДСМ предупредува на финансиската криза и наглиот раст на јавниот долг под власта на Мицкоски, укажувајќи на негативните економски последици за граѓаните и обвинува за криминални тендери.
Со Мицкоски на власт се случува економска катастрофа и финансиски крах. Буџетот е во криза, снемува пари – власта неконтролирано се задолжува и трупа нови долгови за своите криминални тендери, кажа на прес-конференција Наташа Поповиќ, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Според неа, последното барање на Владата за ново задолжување од 260 милиони евра, е уште еден доказ за дилетантскиот однос на Мицкоски.
„Побараа 300 милиони евра од банки, но банките одобрија само 260 милиони евра со висока камата од 4,5%. Ова значи само едно – и банките се сомневат во фискалниот капацитет на државата“.
Уште поважно прашање е, додава таа, за што се парите од задолжувањата.
„Нема мерки за справување со ценовните шокови, нема повисока минимална плата, нема редовна исплата на плати по јавните институции, се доцни со социјалните трансфери.
Единствена влада во регионов, која ги остави граѓаните сами во сред криза, без реална и директна поддршка. Граѓаните плаќаат сè поскапо, а Владата нема ниту една сериозна мерка за заштита на стандардот.
Синдикалната кошничка достигна речиси 69.000 денари. Инфлацијата руши рекорди – дури 5,7%, а на голем дел од прехранбените производи и над 10% .
Доцни повратот на ДДВ кај компании – владата должи близу 20 милиони евра по основ на поврат на ДДВ.Тоа директно ја гуши економијата и ја намалува ликвидноста на стопанството“.
Во индустријата која, како што рече, е столб на економијата се губат работните места. Посочи дека само за една година бројот на вработени е намален за 2,8%.
Како што оцени, странските инвеститори ја заобиколуваат Македонија, за 60% е намалено нивото на странски инвестиции во државава, поради недовербата во владата, нереализираните реформи и влошената деловна клима.
„Дефицитот се продлабочува – 85 % реализација на планираниот дефицит уште во мај – затоа фрчат нови задолжувања, нема пари во буџетот.
Ова е економски распад.
Наместо промена на политиката, владата на Мицкоски трупа само нови долгови, ја турка земјата во должничко ропство.
Нивото на јавниот долг влегува во црвена зона – 11 милијарди евра е во моментов долгот. За две години оваа влада генерираше нов долг од 2,5 милијарди евра – долг што ќе го враќаат идните генерации“.
Овие пари, истакнува Поповиќ, не се за граѓаните, овие пари, додаде, одат само за партиски тендери.
„И тоа е единственото нешто за што оваа власт е специјализирана – да крати од секоја ставка за народот, за да има повеќе за нивните криминални тендери и луксузи.
Затоа СДСМ се спротистави на ова ново задолжување. Нема да учествуваме во Комисијата за финансирање и буџет, а најавивме кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието.
Мицкоски и неговата криминална организација ВМРО катастрофално ја водат државата а цената за тоа ја плаќаат граѓаните, со празни џебови и празни фрижидери“.













