ДУИ реагира на изјавата на ВМРО-ДПМНЕ која го критикува барањето на Владата за законско решение за полагање на правосудниот испит, нагласувајќи дека постојниот Закон за употреба на јазиците јасно пропишува постапки и рокови за усогласување на другите закони.
Изјавата на ВМРО- ДПМНЕ дека Владата бара „законско решение“ за полагањето на правосудниот испит, кое наводно ќе било во согласност со Уставот и препораките на Венецијанската комисија, претставува уште еден обид за заобиколување и саботирање на Законот за употреба на јазиците, оценуваат во ДУИ.
Проблемот, како што велат, не е во недостаток на законско решение.
Според ДУИ, решението веќе постои во самиот Закон за употреба на јазиците, поточно во член 23, кој јасно предвидува дека сите други закони мора да се усогласат со овој закон во рок од 12 месеци од неговото стапување во сила.
„Тоа значи дека не постои потреба од „ново решение“, туку единствено обврска за спроведување на постојниот закон.
Секој обид да се бараат паралелни или алтернативни решенија надвор од член 23 претставува директен удар врз принципот на универзалност на Законот за јазиците и обид тој да се сведе на селективна и ограничена примена.
ДУИ ќе се спротивстави на каква било интерпретација или законска интервенција со која Законот за употреба на јазиците ќе се става подредено на други закони или ќе се отвора пат за негово селективно спроведување“.
Нагласуваат дека почитувањето на Законот за јазиците не е прашање на добра волја, туку уставна и законска обврска.







