Кина демантира дека Шји му рекол на Трамп дека Путин ќе зажали за нападот врз Украина

Макфакс

19/05/2026

11:30

178

Големина на фонт

а а а

Кина негира обвинувања дека претседателот Шји Џјинпинг изјавил дека Путин можеби ќе зажали поради воената операција во Украина. Демантот е објавен пред посетата на Путин на Кина во мај, што се смета за важен дипломатски настан за зајакнување на односите меѓу двете земји.

Кина ги отфрли обвинувањата на западните медиуми дека претседателот Шји Џјинпинг, во разговор со американскиот претседател Доналд Трамп, изразил проценка дека рускиот претседател Владимир Путин на крајот би можел да зажали за одлуката за започнување воена операција во Украина.

Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џакун, како одговор на прашањето на ТАСС за написот на „Фајненшл тајмс“, рече дека ваквите обвинувања не одговараат на реалноста.

„Информациите што ги дадовте се спротивни на фактите и се чиста измислица“, рече Гуо.

Демантот на Пекинг дојде во пресрет на дводневната државна посета на Владимир Путин на Кина, која започнува денес и ќе трае до 20 мај.

Посетата беше организирана на покана на кинескиот претседател Шји Џјинпинг, а кинеското Министерство за надворешни работи претходно официјално објави дека рускиот претседател ќе биде во Кина на 19 и 20 мај.

На брифингот во Пекинг, Гуо Џакун истакна дека кинеската страна очекува средбата меѓу двајцата лидери дополнително да ги подобри односите меѓу двете земји.

Според него, под стратешкото водство на Шји и Путин, пријателството меѓу Кина и Русија „кое се пренесува од генерација на генерација“ ќе биде уште поцврсто вкоренето меѓу народите на двете земји.

Кинеските државни медиуми објавија дека ова е 25-та посета на Путин на Кина.

Фото: ЕПА