Како псилобицинот може да помогне во лекување на зависноста од кокаин: Ново истражување

Точка

19/05/2026

10:50

349

Големина на фонт

а а а

Една доза псилоцибин, психоактивна супстанција од халуциногени печурки, би можела да биде ефикасен третман за зависност од кокаин, покажаа резултатите од нова клиничка студија.

Истражувањето, како што пишува „Гардијан“, покажало дека 19 учесници кои примиле една доза псилоцибин имале поголема веројатност да се воздржат од кокаин во споредба со 17 учесници кои примиле плацебо, антихистаминот дифенхидрамин. Учесниците во двете групи работеле со психотерапевти за да ги обработат своите искуства за време на третманот.


Водечкиот автор на студијата, професорот по ментално здравје на Универзитетот во Алабама во Бирмингем, Питер Хендрикс, рекол дека наоѓањето третман за нарушување предизвикано од употреба на кокаин е итно прашање, особено затоа што во моментов нема лекови одобрени од Американската администрација за храна и лекови за лекување на зависност од кокаин и други стимуланси, како што е метамфетаминот. Според Обединетите нации, бројот на смртни случаи поврзани со стимуланси се зголемува ширум светот, додека производството на кокаин достигна рекордни нивоа.

Хендрикс изјавил дека пред повеќе од десет години се заинтересирал за можноста за користење на псилоцибин како средство за намалување на криминалот и рецидивизмот кај корисниците на дрога. Како што рекол, анализата на податоците од Бирмингем покажала дека употребата на кокаин е „единствениот најсилен индикатор за вклученост во криминалниот систем и рецидивизам“.

Истражувачот на невролошки науки Робин Кархарт-Харис оценил дека псилоцибинот веројатно делува со зголемување на невропластичноста и психолошката флексибилност, т.е. способноста за промена на начинот на размислување и однесување. Клиничката психологинка од Медицинскиот факултет на Универзитетот Јеил, Габриел Ажин-Либс, истакнала дека псилоцибинот се разликува од повеќето лекови за третман на зависност, бидејќи не делува на истите неврохемиски системи како самата супстанција на зависност.


„Псилоцибинот предизвикува длабоко изменета состојба на свеста, обично за време на една сеанса, во рамките на структурирана психотерапија“, објаснила таа, додавајќи дека тоа не е терапија што се зема континуирано. Според неа, со помош на терапевт, една доза може да им помогне на луѓето да го променат својот поглед кон себе и да развијат поголемо самосочувство, што може да придонесе за промена во однесувањето.

Таа додала дека таков пристап би можел да биде особено ефикасен во случај на зависност од кокаин, бидејќи симптомите на апстиненција се претежно од психолошка, а не физичка природа.