„Panini“ од сликичките за СП ќе заработи милијарда евра: Славни личности од компанијата бараат бесплатни албуми, но и сите сликички што се наоѓаат во него

Точка

18/05/2026

19:36

314

Големина на фонт

а а а

„Panini“ треската поради самолепливите сликички за Светското првенство е во полн ек, а директорката за лиценцирање на компанијата „Panini“, Елизабета Мусини, раскажа неколку интересни анегдоти.

Италијанскиот производител на сликички „Panini“ од Модена со децении наназад стана симбол на светските првенства. „Panini“ поседуваше ексклузивни лиценцирани права за европските и светските првенства, но во последно време се соочи со големи предизвици.

Неодамна ги загуби правата за европските првенства, а потврдено е и дека од 2031 година ќе ги загуби правата и за светските првенства.

Секој што ќе го посети седиштето на компанијата во Модена ќе слушне многу анегдоти, а сите се вртат околу култниот статус на брендот. Елизабета Мусини, директорка за лиценцирање на компанијата, многу сака да зборува за тоа, па така раскажа неколку од нив за угледниот неделен магазин „Spiegel“.


Најинтересна од сè е нејзината приказна дека компанијата постојано прима повици од светски познати личности кои бараат бесплатни примероци од албумите.

Повиците доаѓаат од познати личности кои „имаат доволно пари да ја купат целата компанија“, но сепак бараат бесплатна копија од албумот и 980-те сликички што се наоѓаат во него.

Таа вели и дека компанијата „Panini“ во една прилика испратила целосно пополнет албум на шпански фудбалски репрезентативец, чие име не сакале да го откријат, и дека тука направиле грешка. Имено, „Panini“ му испратил пополнет албум, но тој веднаш побарал друга верзија.

Побарал празен албум, но и сите сликички што доаѓаат во него, за сам да може да ги лепи.


„Тоа еднаш го направивме со шпански репрезентативец, кој веднаш нè контактираше и побара нова пратка со одвоени сликички. Апсолутно сакаше сам да ги залепи. Професионалните фудбалери не се разликуваат од кој било друг колекционер, чиј број го проценуваме на повеќе од 100 милиони ширум светот“, наведува Мусини.

Мусини не сакаше да зборува за приходите на компанијата, но „Athletic“ откри дека годинава се рушат сите рекорди на „Panini“.

Имено, очекуваниот приход од сликичките за Светското првенство е неверојатен и станува збор за износ од 1,2 милијарди евра. За последното Светско првенство што ќе го работи „Panini“, а тоа е во 2030 година, се предвидува приход од 1,3 милијарди евра.

По тоа, „Panini“ повеќе нема да има права за лиценцирани сликички за светските првенства. ФИФА и компанијата „Fanatics“ потпишаа долгорочен ексклузивен договор кој ѝ овозможува на компанијата „Topps“, во сопственост на „Fanatics“, да произведува колекционерски картички, сликички и игри со колекционерски картички за Светското првенство и други настани на ФИФА почнувајќи од 2031 година.


Финансиските услови не се објавени, но извор запознаен со договорот вели дека неговото времетраење „опфаќа повеќе циклуси на светски првенства“.

Со овој договор се става крај на повеќедецениската лиценца за сликичките од Светското првенство во фудбал што ја имаше „Panini“. Освен Светското првенство во фудбал во 1994 година, чие домаќинство го организираа Соединетите Американски Држави, „Panini“ произведуваше сликички и картички за Светските првенства во фудбал од 1970 година па сè до претстојното издание на турнирот во 2030 година.

„Topps“ веќе го замени „Panini“ како ексклузивен лиценциран производител на колекционерски картички, сликички и албуми со сликички на УЕФА за Европските првенства 2024 и 2028, Женското Европско првенство 2025 и финалињата на Лигата на нации до 2028 година.