[ВИДЕО] - Драма во Сплит: Авион со 132 патници излета од пистата при полетување за Франкфурт

Точка

16/05/2026

17:06

648

Големина на фонт

а а а

Драма на аеродромот во Сплит – авион со 132 патници излета од пистата за време на подготовките за полетување кон Франкфурт. За среќа, нема повредени, а сите патници и членови на екипажот безбедно го напуштиле леталото.

Авион на компанијата „Кроација ерлајнс“ денеска излетал од пистата на аеродромот во Сплит при подготовките за полетување кон Франкфурт, јавуваат хрватските медиуми.

Станува збор за Ербас А220 во кој имало 132 патници. Според првичните информации, авионот од засега непознати причини скршнал од пистата и завршил на тревната површина покрај неа.

При инцидентот биле оштетени вертикална ознака и светлата покрај пистата, но, за среќа, нема повредени меѓу патниците и екипажот.

Од аеродромот во Сплит информираа дека инцидентот се случил околу 13:30 часот, по што веднаш биле активирани надлежните служби.

„Кроација ерлајнс“ потврди дека сите патници безбедно го напуштиле авионот и се префрлени во зградата на аеродромот, каде што им била обезбедена поддршка за продолжување на патувањето.

Фото: Ivana Ivanovic/PIXSELL

Компанијата соопшти дека е во постојана координација со аеродромските служби и воздухопловните власти, додека причините за инцидентот ќе бидат познати по завршувањето на официјалната истрага.

За случајот се известени и Агенцијата за цивилно воздухопловство, како и Агенцијата за истражување несреќи.