Телефонскиот број што осамна на билборд бил повикан повеќе од 20 илјади пати, МВР откри зошто бил поставен

Макфакс

15/05/2026

14:41

1.070

Големина на фонт

а а а

Министерството за внатрешни работи и А1 Македонија ја лансираа кампањата „Одговорно со технологијата“ која ги повикува сите учесници во сообраќајот на поголема одговорност и свест за ризиците од користење мобилен телефон при возење. Телефонскиот број од кампањата бил повикан повеќе од 20 илјади пати, предизвикувајќи значајна реакција во јавноста.

Министерството за внатрешни работи и А1 Македонија денеска официјално ја претставија националната општествено одговорна кампања „Одговорно со технологијата“, насочена кон подигнување на јавната свест за ризиците од користење мобилен телефон и дигитална дистракција во сообраќајот.

Кампањата има за цел да поттикне поголема одговорност кај сите учесници во сообраќајот – возачи, пешаци, велосипедисти и корисници на електрични тротинети, испраќајќи јасна порака дека ниту еден телефонски повик или нотификација не вреди повеќе од човечкиот живот.

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, истакна дека безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност и дека ваквите иницијативи имаат особено значење во подигнувањето на јавната свест.

„Една секунда невнимание може да има трајни последици, па затоа е важно континуирано да потсетуваме дека секој од нас носи одговорност кога учествува во сообраќајот. Кампањи како оваа придонесуваат пораката да стигне до што поголем број граѓани, да поттикнат поголема свесност и промена на навиките, но и да покажат дека партнерството помеѓу институциите и приватниот сектор може да создаде силен општествен импакт“, истакна министерот Тошковски.

Во центарот на кампањата беше телефон што ѕвони без одговор – симбол на повик што никогаш нема да биде возвратен. Со пораката „Јави се и слушни“, иницијативата во изминатите денови предизвика силни реакции кај јавноста и отвори простор за разговор за последиците од невниманието во сообраќајот.

За само неколку денови, телефонскиот број од кампањата бил повикан повеќе од 20 илјади пати, а пораката предизвикала илјадници реакции, споделувања и коментари на социјалните мрежи и во медиумите.

Главниот извршен директор на А1 Македонија, Методија Мирчев, истакна дека компанијата преку оваа иницијатива сака да поттикне реална промена во однесувањето и поголема свесност за важноста на вниманието во сообраќајот.

Од МВР и А1 Македонија посочија дека кампањата „Одговорно со технологијата, за побезбеден сообраќај“ ќе продолжи и во наредниот период преку повеќе активности и комуникациски канали, со цел поттикнување поголема безбедност и одговорност кај сите учесници во сообраќајот.