Левица: Регионалните патишта се распаѓаат под товарот на претоварени камиони

Макфакс

13/05/2026

14:00

142

Големина на фонт

а а а

Левица предупредува дека регионалните и селските патишта во Македонија се сериозно оштетени поради интензивен сообраќај на претоварени камиони, особено во близина на каменоломи и рудници. Ова влијае негативно на безбедноста на сообраќајот и инфраструктурата, а контролата е несоодветна и селективна, што ја влошува состојбата.

Регионалните и селските патишта низ Македонија сѐ почесто се претвораат во индустриски коридори за тешки и претоварени камиони, особено во близина на каменоломи и рудници. По патиштата кои некогаш биле проектирани за локален сообраќај и земјоделска механизација, денес секојдневно се движат камиони и шлепери натоварени над дозволената маса, велат од Левица.

„Такви примери, а за кои алармираше и Левица, се регионалниот пат меѓу селата Пагаруша и Вртекица, за што реагираше и локалното население, кај село Ореовец, Прилеп, каде граѓаните веќе долго време блокираат и алармираат за интензивен транспорт на тежок материјал од каменоломи. Проблемот не е само локален. И на потегот Плетвар – Прилеп, каде секојдневно циркулираат тешки товарни возила и градежна механизација веќе има сериозни оштетувања и дополнителни ризици за безбедноста во сообраќајот. Истиот проблем се јавува и во градски средини па така регионалниот пат кој поминува низ Долно Лисиче, а по кој сообраќаат камиони на „Беровиќ“, иако е направен пред неколку години, веќе се покажуваат проблеми“, велат од партијата.

Дополнително, велат од Левица, претоварените камиони и шлепери претставуваат сериозна опасност и за безбедноста во сообраќајот.

„Тие имаат подолг пат на кочење, потешко ја задржуваат стабилноста на кривини и спустови и создаваат поголем ризик од тешки сообраќајни несреќи. Иако и кај нас постојат мобилни ваги и законска регулатива за контрола на осовински товар, контролите се ретки, недоволни и често селективни. Во пракса многу транспортни компании ги претовараат возилата бидејќи поважен им е профитот од јавниот интерес, уништените патишта, безбедноста на граѓаните и штетата која на крај ја плаќа народот. Најголеми жртви на ваквиот систем се токму регионалните и селски патишта и старите мостови кои никогаш не биле проектирани за индустриски транспорт и тешка механизација“, се наведува во соопштението.