Мицкоски шокиран оти запре истрагата за Ковачевски и Капушевски: Очекувам дека случајот ќе биде вратен на повторно разгледување

Макфакс

13/05/2026

15:20

205

Големина на фонт

а а а

Премиерот Христијан Мицкоски ги коментираше информациите за прекин на истрагата за набавката на мазут за ТЕЦ „Неготино“, нагласувајќи дека очекува случајот да биде вратен за дополнително разгледување, откако Основното јавно обвинителство ја прекина постапката поради недоволно докази.

Премиерот Христијан Мицкоски очекува случајот за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“ во кој се осомничени поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, сопствениците на компанијата „РКМ“, Ерџан Сулкоски и Ратко Капушевски, Асмир Јахоски од „Пуцко Петрол“ и уште деветмина, да биде вратен на повторно разгледување. Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) соопшти дека ја сопира постапката оти по една година истрага не утврдиле докази за кривични дела.

„Јас вчера прво со неверување ја слушнав таа вест, а второ бев шокиран од тоа што го слушнав. Добро е што АД ЕСМ, поранешно ЕЛЕМ кога ќе ја добие одлуката ќе вложи жалба и очекувам дека случајот повторно ќе биде вратен на преразгледување и повторна анализа. Ако тоа не се случи, тогаш Обивнителството дефинитивно го губи својот кредибилитет со овој обвинител, сме го коментирале, Ислам Абази,  и немам дополнително што друго да кажам. Јавноста знае за каков обвинител станува збор“, рече премиерот Мицкоски денес одговарајќи на новинарски прашања по прошетката во обновените операциони сали во ГОБ „8 Септември“.

За одлуката за сопирање на постапката премиерот Мицкпски вели дека не знаел ниту државниот јавен обвинител.

„Сакам да кажам дека во текот на вчерашниот ден разговарав со јавниот обвинител Ненад Савески на оваа тема. Тој ме информираше дека не бил информиран за оваа одлука на ОЈО ГОК кое го води Ислам Абази. Претпоставувам дека по вложената жалба од страна на АД ЕСМ случајот ќе биде разгледан и вратен на повторно анализирање“, рече премиерот Мицкоски.

ОЈО ГОКК вчера извести дека ја запираат истрагата оти од прибраните докази не се утврдило дека осомничените незаконски склучувале договори и анекси, переле пари или направиле злоупотреби при јавните повици за набавка на мазут за ТЕЦ „Неготино“. Истрагата утврдила дека постапките биле спроведувани согласно законите и транспарентно.