Средба на Сиљановска-Давкова со канадските претприемачи со македонско потекло, Џон Битов помладиот и Јордан Битов

Макфакс

12/05/2026

16:21

205

Големина на фонт

а а а

Гордана Сиљановска-Давкова денес се сретна со канадски претприемачи од македонско потекло, кои се дел од самитот „Македонија 2025“. На средбата беше потенциран значајниот придонес на дијаспората во развојот на економските и културните односи со Македонија. Претседателката зборуваше за актуелните приоритети на државата, додека соговорниците посочија на можностите за зацврстување на канадско-македонската соработка.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на македонската дијаспора во Канада, меѓу кои и канадските претприемачи Џон Битов помладиот и Јордан Битов, учесници на самитот „Македонија 2025“.

Таа им се заблагодари за долгогодишниот придонес на македонската дијаспора во Канада во јакнењето на економските, образовните, научните и културните врски со матичната држава, како и во промоцијата на македонските интереси и потенцијали на меѓународен план.

Беше истакната важноста на иницијативите како „Македонија 2025“, коишто придонесуваат за поврзување на домашната бизнис-заедница со успешни професионалци и инвеститори од дијаспората, поттикнувајќи претприемништво, иновации и економски развој.

Претседателката детално ги запозна со внатрешните и надворешните политички приоритети на државата, со посебен осврт на евроинтеграциските процеси. Тие, пак, ја предочија можноста за интензивирање на канадско-македонските односи на највисоко ниво.

Соговорниците изразија подготвеност за продлабочување на севкупната соработка и меѓународната афирмација на државата.