Европската унија се подготвува да воведе поостри регулативи насочени кон заштита на децата и младите од негативното влијание на социјалните мрежи. Европската комисија ги следи внимателно платформите како Тик-ток, Инстаграм, Фејсбук и Икс, со намера да ги ограничи штетните практики и да обезбеди усогласеност со правилата за заштита на помладите корисници.
Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, изјави дека Европската унија подготвува нови регулативи насочени кон бизнис моделите на социјалните мрежи со цел да ги заштити децата и младите од штетна содржина и механизми што создаваат зависност.
Зборувајќи во Копенхаген, фон дер Лајен оцени дека негативните ефекти од социјалните мрежи врз младите не се случајни, објави Ројтерс.
Таа изјави дека платформите „Тик-ток“, „Икс“, како и „Мета“ со мрежите Инстаграм и Фејсбук се особено насочени од регулаторот. Според неа, ЕК презема мерки против Тик-ток поради функции како што се бесконечно скролување, автоматско репродуцирање на содржина, што ги опиша како дизајн што создава зависност.
Фон дер Лајен додаде дека Комисијата верува дека Инстаграм и Фејсбук не ја применуваат доследно минималната возрасна граница од 13 години.
Европската комисија, исто така, покрена постапка против платформата Икс поради наводната употреба на нејзината алатка за вештачка интелигенција „Grok“ за креирање сексуализирани слики од жени и деца, пренесува Танјуг.







