[ФОТО] Лука има 10 години и сам сака да заработи за својата прва училишна екскурзија - неговата приказна ги топи срцата

Точка

11/05/2026

20:18

620

Големина на фонт

а а а

Социјалните мрежи се воодушевени од приказната на мајката Светлана од Нови Сад, чиј десетгодишен син Лука во наредните денови пред својата куќа ќе продава галети за да заработи џепарлак за екскурзијата на која наскоро ќе оди.

Станува збор за вид домашни вафли кои можат да се подготвуваат во слатка и солена варијанта. Светлана на социјалните мрежи ја објави и понудата на галети.

„Галетите се свежи, домашни и превкусни. Солени галети: четири вида сирење, кулен, сланина и лук, чварки. Слатки галети: кокос, чоколада и портокал, класични, кајсија. Кој не може да ја пронајде адресата, испраќам локација во порака“, стои во нејзината објава.

Drage Novosađanke,

moj desetogodišnji sin će narednih dana prodavati ispred kuće slane i slatke galete, jer želi sam da...

Posted by Svetlana Sučević Ćelić on Sunday, May 10, 2026

Првата заработка на Лука

Светлана за хрватскиот „Index“ раскажала дека ова е првата екскурзија на Лука со училиштето и дека многу ѝ се радува. Поради тоа дошол на идеја сам да заработи џепарлак.

„Лука е прекрасно и благородно момче со големо срце. Ние сме потстанари и како мајка се трудам да работам разни работи, но тој секогаш е тука да прискокне и да помогне околу сè“, вели мајката и додава како момчето и претходно имало идеи како би можело да ѝ помогне со финансии.

„Дојде на идеја дека би можел на училиште да продава сликички за, како што вели тој, да имаме да купиме тоа што нѝ треба. Една вечер со пријателите од продажба на сликички донесе дури 6000 динари“, раскажа Светлана.

„Лука е дете кое има АДХД и развојна дисфазија. Има помошник во наставата, а училиштето му е како втор дом. Благодарение на нивната поддршка, напредува и е среќен. Сака да им помага на другите, убаво е воспитан, соседите многу го сакаат. Многу е ведро момче, секогаш насмеано и подготвено за акција“, заклучи гордата мајка.

Во време кога често забораваме на малите гестови и трудот, приказната на Лука е потсетник колку големо може да биде детското срце. На Лука му држиме палци да продаде што повеќе галети и да ја оствари својата цел.