Македонската и хрватската царина зајакнуваат соработка за побрза интеграција во ЕУ

Макфакс

11/05/2026

14:05

107

Големина на фонт

а а а

Денешната билатерална средба помеѓу македонската и хрватската Царинска управа беше фокусирана на продолжување и продлабочување на соработката во областа на царинските реформите, со цел забрзување на европската интеграција на Македонија. Двете страни се согласуваат дека размената на искуства и примена на најдобрите практики ќе ја унапреди плодната соработка и ќе помогне на македонската економија да се движи кон поголема конкурентност и транспарентност.

Постигнатите резултати во реализирањето на реформите поврзани со Царинската унија, борбата против организираниот криминал и јакиот акцент на регионалната соработка и економскиот развој, ја отсликуваат нашата посветеност на забрзаната интеграција во Европската Унија. Република Хрватска нѐ поддржува како силен партнер во овој процес. Заедно започнуваме нова фаза на соработка, каде што царинските експерти од Хрватска ќе ја пренесат својата експертиза. Ова беше главниот заклучок на денешната билатерална средба помеѓу директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, и министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, со нивниот хрватски колега Марио Демировиќ.

Демировиќ истакна дека Македонија е дел од поширокото географско и емоционално семејство на Хрватска, што ја ојакнува нивната соработка.

„Започнуваме нов циклус на партнерство и целта ни е да оставиме траен и видлив знак во реформите. Понатаму, преку нашите искуства и примена на најдобрите практики во царинската политика, ќе овозможиме и поддршка за македонската економија“, појасни Демировиќ.

Николовски подвлече дека Хрватска ја цени како значаен сојузник, од кого можеме да учиме, особено при имплементацијата на новиот Царински закон, воспоставувањето на систем за контрола на тутунските производи, и споделувањето податоци со УЈП, што е клучно за борбата против сивата економија и подобрување на оперативните капацитети.

„Конкретните резултати во подигнувањето на приходите, кои заклучно со април изнесуваат зголемување од 26,5 милиони евра во споредба со претходната година, како и бројот на поднесени кривични пријави – 69 за физички и 77 за правни лица, се јасен показател за нашата посветеност кон европските интеграции. Царинската управа е еден од водечките реформатори кои ги подобруваат условите за водење бизнис и ја зголемуваат конкурентноста на македонската економија“, додаде Николовски, посочувајќи дека се очекува зајакнување на оперативната соработка согласно договорот од минатиот состанок во Хрватска.

Министерката Димитриеска-Кочоска нагласи дека оваа средба има клучна важност, посебно во контекст на модернизацијата и усогласувањето на царинските системи со европските стандарди.

„Министерството за финансии ќе продолжи да ги поддржува реформските мерки со цел создавање поефикасни институции, поголема транспарентност и унапредување на системите за приходите и стабилноста во економијата. Високо ја цениме подготвеноста на Република Хрватска за споделување искуства и добри практики, земајќи ја предвид нивната положба во европските интеграции и имплементацијата на европските регулативи во царинската сфера“, подвлече Димитриеска-Кочоска.