Светското првенство во фудбал, „FIFA World Cup 2026“, на стадионот „SoFi“ во близина на Лос Анџелес, на 12 јуни ќе го отвори поп-ѕвездата Кејти Пери.
Настапот ќе се одржи пред натпреварот меѓу репрезентациите на САД и Парагвај. На церемонијата на отворањето ќе ѝ се придружат музичарите Фјучр, Лиса, Тајла, како и диџејот Санџој.
Покрај американската церемонија на отворање, во Канада и Мексико ќе бидат организирани уште два спектакли со кои ќе биде означен почетокот на Светското првенство 2026.
Секоја земја домаќин ќе има свои изведувачи
„FIFA“ организира церемонии на отворање во секоја земја домаќин, па така на стадионот „Естадио Ацтека“ во Мексико Сити, на 11 јуни ќе настапат латиноамерикански изведувачи како Алехандро Фернандез, Дени Ошен, Лила Даунс и Белинда.
На канадското отворање на Светското првенство, пред натпреварот меѓу репрезентациите на Канада и Босна и Херцеговина на стадионот „BMO Field“ во Торонто, ќе настапат канадските ѕвезди Аланис Морисет и Мајкл Бубле, заедно со Алесија Кара и Џеси Рејез.

„Нема хит повеќе од десет години“
Откако беше објавено дека Кејти Пери ќе го отвори Светското првенство во фудбал, следуваше лавина реакции на социјалните мрежи.
Додека едни се радуваат на нејзиниот настап, на други не им е јасно како Пери го добила овој престижен ангажман.
На платформата „X“ нејзиниот настап предизвика бројни критики.
„Што може таа да му понуди на светот на отворање на Светско првенство?“, напиша еден корисник, додека друг порача:
„Сексуална злоставувачка која нема хит повеќе од десет години?“
„Што точно може таа да понуди?“, беа дел од коментарите што се појавија на социјалните мрежи.

„Кејти знае како да направи спектакл“
Од друга страна, многу коментари се полни со воодушевување, потсетувајќи дека Кејти Пери веќе настапувала на големи настани, меѓу кои и шоуто на полувремето на „Super Bowl“ во 2015 година.
Нејзините фанови истакнуваат дека станува збор за искусна изведувачка која знае како да создаде атмосфера совршена за почеток на еден ваков фудбалски спектакл.
„Светското првенство некогаш беше посветено на спортот, навивачите и националната гордост. Сега секој глобален настан се претвора во голем поп-спектакл. Но, со сето тоа кажано … Кејти знае како да направи шоу“, напиша еден корисник на платформата „X“.








