Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, денеска учествуваше на еколошката акција „Генералка викенд“, која традиционално обединува граѓани, институции и приватен сектор во заедничка акција за чистење и подигнување на јавната свест за заштита на животната средина.
Хоџа истакна дека континуитетот на оваа иницијатива покажува дека кога постои заедничка волја, резултатите се видливи и конкретни.
„Министерството за животна средина секогаш ќе ги поддржува ваквите иницијативи, така заедно ја градиме свеста дека грижата за животната средина треба да стане секојдневна навика на сите“, нагласи Хоџа.
Тој потенцираше дека паралелно со ваквите акции, Министерството е фокусирано на системски решенија, пред сè преку воспоставување на регионален систем за современо управување со отпад, чија имплементација е во тек.
„Како министер, мојата обврска е градење систем што ефикасно го решава отпадот. Но, истовремено, нашата заедничка цел е да изградиме култура и иднина во која можеби вакви акции и нема да бидат потребни“, истакна тој.







