Со 64 гласови „за“, 15 „против” и ниту еден „воздржан”, Собранието го донесе Предлог-законот за Советот на јавните обвинители кој е дел од Реформската агенда.
Од Министерството за правда велат дека со предложеното законско решение се воведуваат суштински новини насочени кон зајакнување на независноста, професионалноста и транспарентноста во работењето на Советот и на јавното обвинителство во целина.
„Се реформира постапката за избор на членови на Советот на јавните обвинители. Се воведуваат јасни и транспарентни критериуми. Се гарантира нивната стручност, искуство и интегритет, по пример на критериумите предвидени во новиот Закон за Судскиот совет. На тој начин, се гарантира избор на најквалитетните кандидати. Се воведува обврска за целосно и аргументирано образложение на одлуките за избор, унапредување и дисциплинска одговорност на обвинителите“, соопшти Министерството.
Од таму додаваат дека се воведува и доследна примена на системот на заслуги – односно мерит-системот, при избор, унапредување и разрешување на јавните обвинители.
„Се зајакнува транспарентноста на Советот преку: обврска за објавување на одлуки и извештаи, јавно одржување на седници, директни преноси и информирање на јавноста. Воведуваме јасна двостепеност во дисциплинските постапки. Советот одлучува како второстепен орган, а против неговите одлуки е дозволена судска заштита. Со ова се обезбедува целосна заштита на правата на јавните обвинители, што е директен одговор на препораките на Европската комисија“, велат од Правда.
Со предлог – законот детално се уредува постапката за разрешување на претседателот и заменик-претседателот на Советот, со прецизирани рокови и критериуми и се зајакнува улогата на Советот во постапката за избор и разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија. Исто така, Советот на јавните обвинители може да поднесе иницијатива за разрешување на Јавниот обвинител на Република Македонија до Собранието.
„Законот е дел од поширокиот реформски процес и е усогласен со европските стандарди и препораки, што претставува значаен чекор напред во процесот на европска интеграција“, велат од Министерството за правда.











