Синдикатот на културата (СКРМ) упати повик до своето членство и јавноста за мирен протестен собир кој ќе се одржи на денот на отворањето на Мајските оперски вечери, пред Националната опера и балет.
Протестот, како што се наведува во соопштението на СКРМ, ќе се одржи на платото пред институцијата, во време кога публиката ќе пристигнува на свеченото отворање на фестивалот.
„Ве повикуваме на денот на отворањето на Мајските оперски вечери заедно да застанеме во одбрана на Колективниот договор за култура, темелот што ги штити нашите права, достоинство и сигурност“, стои во соопштението.
Од СКРМ порачуваат дека културните настани кои публиката ги гледа на сцена се резултат на долгогодишен труд, знаење и посветеност на уметниците и културните работници, додавајќи дека „зад секој аплауз стои човечки живот, но зад завесата мора да стојат права“.
Во повикот се нагласува дека, според нив, овие права се доведени во прашање, поради што се организира собирот.
Протестот е најавен како мирен и достоинствен, со присуство и транспаренти, со цел да се упати порака за зачувување на Колективниот договор за култура, вреднување на трудот на уметниците и почитување на нивното достоинство и професија.
Собирот е закажан за 9 мај 2026 година, во 19:20 часот, пред Националната опера и балет во Скопје.







