СДС и Филипче за власт би ја редефинирале македонската историја и идентитет. СДС и Филипче уште веднаш се подготвени да направат ново национално предавство, почнувајќи со уставните измени, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој вели дека бугарските власти јасно кажале дека уставните измени не се последниот услов кој го имаат за влез на Македонија во ЕУ.
„Од една страна, СДС и Филипче велат дека Бугарија не го негирала македонскиот идентитет, а од друга страна, бугарските власти секојдневно велат дека македонската нација постои од 1945 година, дека македонскиот јазик има бугарски корени и дека ние сме еден народ во две држави. Впрочем, ваков став имаше и менторот на Филипче, Зоран Заев. Оттука е јасно од кого Филипче учи“, вели Манасиевски.
СДС и Филипче наместо да слугуваат за друга држава, додаде тој, ги повикуваме еднаш барем да размислат што прават и колку штета и нанесуваат на државата, на македонскиот народ и на сите оние кои го дале животот за неа.
„За СДС и Венко Филипче, не се важни македонските национални интереси и македонскиот идентитет, ниту пак им се важни граѓаните. За нив важно е само како да се дофатат за власта за да можат што повеќе да крадат. Затоа и полека но сигурно тие стануваат маргинална партија“,вели Манасиевски.







