Насилството врз децата може да се спречи, ако дејствуваме заедно

Точка

04/05/2026

13:36

125

Големина на фонт

а а а

Во изминатите денови, Северна Македонија е преплавена со наслови и интензивна јавна дебата за насилството што ги погодува децата и адолесцентите. Многу луѓе чувствуваат шок, гнев, страв и длабока тага – и овие реакции се разбирливи. Но, револтот што згаснува во тишина не менува ништо. Она што ѝ е потребно на земјата во овој момент е заедничка одлука повеќе да не се толерираат условите што дозволуваат насилството да опстојува. Ако сакаме загриженоста да ја претвориме во заштита, мора да реагираме на начин што ги почитува правата на децата, го штити нивното достоинство и ги зајакнува решенијата.

Секое дете има право да расте без насилство. Ова не е само морален императив; туку и правна обврска, како и обврска поврзана со човековите права. Согласно Конвенцијата за правата на детето, државите имаат јасна одговорност да ги заштитат децата од сите форми на насилство и злоупотреба и да обезбедат ефикасни системи за превенција, идентификација, пријавување, упатување, истрага, третман и следење.

Мора да бидеме свесни дека насилството ретко се појавува изолирано. Врсничкото насилство, булингот, родово базираното насилство, насилството во домот и онлајн злоупотребата често се меѓусебно поврзани и се надополнуваат, продлабочувајќи ја штетата и траумата. Кога насилството е прифатено како „нормално“ – во семејството, на улица, во училиштата или онлајн – се зголемува ризикот децата да го искусат, да го повторуваат или да го прифатат како неизбежен дел од животот.

Особено загрижува тоа што многу форми на насилство се случуваат токму во средини што треба да обезбедат сигурност и заштита.

- Според најновите податоци на УНИЦЕФ, повеќе од 2 од 3 деца на возраст од 1 до 14 години во Северна Македонија доживуваат насилна дисциплина во домот, што вклучува психолошка агресија и/или физичко казнување.

- Достапните податоци покажуваат дека булингот од соученици е меѓу најчестите форми на врсничко насилство: 23% од младите на возраст од 13 до 15 години во Северна Македонија пријавиле дека биле малтретирани најмалку еднаш во последните неколку месеци.

- Неодамнешниот извештај на Народниот правобранител укажува на стотици евидентирани деца жртви на сексуално насилство – претежно девојчиња, но и момчиња – во изминатите години и посочува на слабости во системот.

За жал, дигиталниот свет додава уште еден слој на ризик. Насилството може да се случува и офлајн и онлајн, при што различните форми на насилство и злоупотреба се преплетуваат и се надополнуваат, следејќи ги децата насекаде – дома, на училиште, на игралиште и на нивните телефони. Стигмата и обвинувањето на жртвите дополнително ја влошуваат ситуацијата, обесхрабрувајќи ги децата да пријават и да побараат поддршка.

Што треба да направиме како општество?

Ние сме првата генерација што располага со докази за целосно да го разбереме размерот, причините и последиците од насилството врз децата. Исто така, први сме што знаеме кои решенија функционираат. Со инвестирање и посветеност на превенција, инклузивно образование и услуги за поддршка, можеме да го прекинеме циклусот на меѓугенерациско пренесување на насилството.

Во пракса, тоа значи:

1. Да ги зајакнеме законите и да обезбедиме тие навистина да функционираат за децата. Силна законска заштита испраќа јасна порака дека насилството е неприфатливо, помагаат во менување на општествените норми и обезбедува одговорност за сторителите. Подеднакво важно е институциите, вклучително и установите за згрижување, полициските станици и центрите за задржување, да бидат безбедни средини за децата.

2. Да ги поддржиме родителите и старателите. На семејствата им е потребна практична поддршка за родителство, насоки за позитивна дисциплина и помош во справувањето со онлајн светот на децата. Доказите покажуваат дека програмите за родителска поддршка, вклучително и поддршка за позитивна и ненасилна дисциплина, ги зајакнуваат односите меѓу родителите и децата, го намалуваат стресот кај родителите и помагаат во спречување на штета врз децата, придонесувајќи за прекинување на меѓугенерацискиот циклус на насилство.

3. Да ја направиме превенцијата реалност во секое училиште. На училиштата им се потребни доследни и применливи политики против булинг и сите форми на насилство; обучен кадар што може навремено да ги препознае предупредувачките знаци; безбедни канали за пријавување; и култура што поттикнува емпатија и инклузија, а не понижување и насилство. Образованието треба да ги развива и животните вештини кај децата, како што се решавање конфликти, емоционална регулација, градење почитувачки односи и дигитална писменост.

4. Да обезбедиме одговор насочен кон детето и потребите на жртвата. Кога дете ќе пријави насилство, системот мора да реагира брзо, доверливо и на начин што нема дополнително да го трауматизира. Тоа значи итна медицинска грижа и советување за да им се помогне на децата да се справат и да закрепнат од траумата. На децата им се потребни достапни, безбедни и јавно промовирани канали за пријавување насилство и добивање грижа, со обучени професионалци.

5. Да ја третираме онлајн безбедноста како суштинско прашање за заштита на децата. Децата имаат право на безбеден онлајн свет што вклучува подобри механизми за пријавување и отстранување штетна содржина, како и посилна координација меѓу технолошките компании и националните институции за заштита на децата и правда.

6. Да ги прекинеме циклусите на насилство. Децата што повредуваат други често и самите биле изложени на насилство, занемарување, груба дисциплина или исклученост. Ресторативните пристапи, поддршката за ментално здравје и социјалните услуги, заедно со мерките за одговорност, се клучни за прекинување на меѓугенерациското пренесување на насилството.

Конечно, менувањето на ставовите и општествените норми е клучен дел од спречувањето на насилството врз децата. Тоа подразбира преиспитување на длабоко вкоренетите верувања што го оправдуваат или нормализираат насилството – како прифаќањето на насилна дисциплина, толеранцијата кон семејно насилство или обвинувањето на жртвите. Кога заедниците јасно ги отфрлаат овие ставови и однесувања, почнуваат да се менуваат условите што овозможуваат насилството да продолжи.

Спречувањето на насилството врз децата е возможно, но бара ангажман од целото општество – институциите, училиштата, здравствените и социјалните служби, правосудството, граѓанските организации, приватниот сектор, заедниците, родителите и самите млади. Јавната дебата што ја гледаме денес може да стане пресвртна точка – ако ја претвориме во конкретни реформи и секојдневни практики што ќе создадат побезбедни домови, училишта и дигитални простори за секое дете.

Автор: Лесли Милер