Анима Мунди: Повреди од падови се прикажуваат како каснувања од кучиња, институциите итно да реагираат

Макфакс

04/05/2026

14:55

155

Големина на фонт

а а а

Анима Мунди побара од Јавното обвинителство, МВР и надлежните институции итно да постапат по, како што наведуваат, сериозни индиции за злоупотреби во системот за пријавување и обесштетување за наводни каснувања од бездомни кучиња.

Од организацијата велат дека со години предупредуваат оти системот е „сериозно компромитиран“ и отворен за манипулации, злоупотреби и можно организирано криминално дејствување.

Според Анима Мунди, во дел од случаите воопшто не станува збор за каснувања од куче, туку за лажни пријави, при што повреди од падови со велосипед, ролери или други несреќи се прикажуваат како напади од куче.

„Особено загрижувачки е следново: веднаш по пријавувањето, на наводно оштетени лица им се јавуваат адвокати со понуда за застапување. Како тие доаѓаат до нивните телефонски броеви?“, прашуваат од организацијата.

Тие оценуваат дека ова отвора сомнежи за незаконско споделување и злоупотреба на лични податоци од државни институции.

Од Анима Мунди предупредуваат дека последиците од ваквите злоупотреби се далекусежни: се испумпуваат јавни средства од општинските буџети, вистинските жртви се дискредитираат, се создава страв и омраза кон бездомните животни, а невини кучиња се прогласуваат за агресивни, заловуваат, изолираат и страдаат без вина.

Организацијата тврди дека постојат случаи на повеќекратни обештетувања на исто лице, па дури и обештетување на цели семејства, што, според нив, дополнително ги засилува сомнежите за системска злоупотреба.

Анима Мунди бара итна и темелна истрага на сите сомнителни случаи на отштети, истражување на можно организирано дејствување, проверка за незаконско споделување лични податоци, воведување строг и унифициран протокол за докажување на секој пријавен напад, како и централен регистар на сите пријави, постапки и исплатени отштети.

„Ако институциите не постапат веднаш, ќе станат соучесници во систем што овозможува измама, злоупотреба на лични податоци и организирано празнење на јавните средства“, порачуваат од Анима Мунди.