Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, заедно со министерот за транспорт, Александар Николоски, денеска беше во посета на општина Охрид, каде што започна изградбата на катна гаража.
„Би сакал да само споменам дека дел од приоритетите коишто ги имаше општината и дел од проектите коишто ги предложија и пратениците се или реализирани или се во фаза на реализација или ќе отпочнат да се реализираат. Многу е важно кога патувате накај Охрид и кога ќе можете да го видите прогресот на автопатот којшто е пуштен во сообраќај и којшто очекуваме согласно претходните најави да бидат целосно пуштен од Кичево до Охрид, еве најдоцна да речеме првиот квартал од 2027 година.
Знаете со какви предизвици се соочувавме. Беше откажан кредитот од страна на кинеската „Ексим“ банка, па со домашните комерцијални банки направивме синдикат и проектот ќе биде реализиран целосно до крај.
Следен проект што мислам дека треба многу внимателно да му се посвети внимание овде во Охрид е „Плаошник“. Конечно да го завршиме тој проект, почнат од пред многу време. За жал не бил во приоритетите на многу влади претходно.
Оваа година имајќи предвид можностите на буџетот одвоивме скромна сума на средства, но важно е да се до подготви проектната документација и следната година многу посилно да се излезе на терен и мислам дека со проектите коишто сега се реализираат и оние проекти за коишто претходно зборуваа и градоначалникот и потпретседателот на Влада ќе дојдеме до една би рекол физиономија којашто ја заслужува Охрид и охридското крајбрежје“, изјави Мицкоски.











