[ФОТО] По речиси четири децении работа, се затвора сендвичарницата „Седмица“ кај Грчката амбасада

Точка

30/04/2026

18:02

1.186

Големина на фонт

а а а

По речиси четири децении работа, првиот дуќан на една од најпрепознатливите скопски сендвичарници – „Седмица“, ги затвора своите врати. Локалот беше лоциран кај Грчката амбасада во Скопје.

Веста брзо се прошири на социјалните мрежи, каде граѓани споделуваат спомени и емоции поврзани со местото кое со години претставуваше симбол на скопската гастрономска сцена. „Седмица“ ќе остане запаметена по својот препознатлив хамбургер со помфрит, како и по специфичниот мајонез кој за многумина е дел од автентичното искуство.

Покрај храната, сендвичарницата важеше и за место со коректен однос кон вработените, кои, според сведоштвата, не работеле во недела и за време на празници – вистинска реткост во угостителскиот сектор.


И покрај промените на пазарот и појавата на модерни концепти, „Седмица“ успеа да го задржи своето место кај љубителите на класичниот хамбургер, обединувајќи неколку генерации.

„Со сите свои подеми и падови, и покрај новите „фенси“ бургери на шест спрата и поткровје, успеа да го задржи местото кај љубителите на вистинскиот хамбургер низ неколку генерации. Денес го изедов последниот хамбургер таму“, гласи една објава на мрежите.

Инаку, неодамна беше објавено дека трите локали на „Седмица“ минатата година оствариле вкупен промет од 5,3 милиони евра, при што дури 99 проценти од приходите биле од продажба на готови производи. Компанијата со години бележи раст на приходите и профитот.

Со затворањето на овој локал, Скопје губи уште едно место кое беше дел од секојдневието и урбаната меморија на градот.