Актерката Емили Блант, за време на промотивната турнеја за нејзиниот филм „Ѓаволот носи Прада 2“, споделила кариерен совет што предизвика реакции на социјалните мрежи поради моменталната економска состојба.
Нејзината изјава, дадена во интервју за „Betches“ предизвика дебата за привилегиите на славните личности и реалноста со која се соочуваат повеќето луѓе, пренесе „BuzzFeed“.

Кога ја прашале каков совет би им дала на жените кои се незадоволни од своите работни места, Блант, која глумела асистентка која едвај спојува „крај со крај“ и преживува мобинг, прво на шега шепнала: „Дадете отказ… Не“. Потоа продолжила со посериозен совет.
„Само пронајдете нешто што навистина сакате да го правите“, рекла актерката. „Дури иако не заработувате пари од тоа, сè додека го сакате, ќе бидете среќни“ додала таа.
Жестоки реакции на социјалните мрежи
Многумина овој совет, кој потсетува на неплатено стажирање, го сметаат за несоодветен додека се борат со нестабилна економија и растечки трошоци за живот. За нив, напуштањето на работата без финансиска сигурност може да има сериозни, долгорочни последици.

На „Редит“ се разви цела расправа околу нејзината изјава, а многумина не се согласија со актерката: „Во оваа економија?“, „Реалноста е дека е најдобро да дадете отказ ако не ви се допаѓа вашата работа. Ако ви требаат пари, прво најдете нова работа, а потоа дадете отказ“, „Надежите и соништата не ја плаќаат киријата“, „Лошо прашање за богат човек“, се само дел од коментарите на корисниците кои не се согласуваат со Блант.
Неколку корисници открија како се справуваат со работа од која се незадоволни: „Си повторувам се среќни оние ме имаат, а јас сум среќна што имам кариера“, „Кога се лутам на работа, само повторувам „Ја сакам својата работа“ одново и одново, како што прави Емили во таа сцена. Помага“.

Сепак има и такви кои застанаа во одбрана на актерката, истакнувајќи дека требало да биде внимателна во врска со тоа што го кажала во интервјуто: „Не мислам дека Емили мислела нешто лошо. Се обидела да одговори најдобро што можела“. „Нема ништо што можела да каже, а да не звучи лудо или ирелевантно за филмот“, напишал еден корисник на Редит. „Замислете да речеше дека треба да трпите затоа што ви требаат парите. Или, од друга страна, да ја напуштите работата и да го следите вашиот сон. Не можам да се сетам на добар одговор што би одговарал на интервјуто“, заклучил друг.









