Цените на нафтата близу 105 долари

Макфакс

24/04/2026

19:27

140

Големина на фонт

а а а

Цените на нафтата денес на меѓународните пазари останаа близу 105 долари, балансирајќи помеѓу навестувањата за нова рунда преговори меѓу Иран и САД и проценките за долгорочен процес на нормализирање на транзитот низ Ормутскиот теснец.

На лондонскиот пазар, барелот се тргуваше попладне по речиси иста цена како вчерашната цена на затворање, на 104,90 долари. На американскиот пазар, беше за 1,78 долари поевтин и изнесуваше 94,07 долари.

Расположението на пазарите оваа недела беше обележано со иранската блокада на Ормутскиот теснец и американската блокада на иранските пристаништа.

Пред една недела, Иран го објави отворањето на теснецот, истакнувајќи дека бродовите мора да го координираат преминот со иранската морнарица. Сепак, САД продолжија да ги блокираат иранските пристаништа во Оманскиот Залив и Арапското Море, и покрај продолженото примирје.

Техеран предупреди дека блокадата е кршење на примирјето и повторно го затвори теснецот. Оттогаш, иранската војска пресретна неколку бродови кои се обидоа да поминат низ теснецот и ги придружуваше до иранскиот брег.

Американската војска, исто така, изврши рација на ирански контејнерски брод во Оманскиот Теснец и запре танкер во близина на Шри Ланка.

Инвеститорите добија надеж од веста дека иранскиот министер за надворешни работи, Абас Аракчи, ќе отпатува во Исламабад, Мускат и Москва за да разговара за ситуацијата во регионот, според извештајот на новинската агенција Мехр