Тренчевска: Законите за минерални суровини да се повлечат, директно го загрозуваат здравјето на граѓаните

Макфакс

22/04/2026

14:11

147

Големина на фонт

а а а

Потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска, предупреди дека измените на законите за минерални суровини и концесии не смеат да се носат по скратена постапка, бидејќи носат ризик од сериозни последици по здравјето на граѓаните и животната средина.

Природните ресурси се наше заедничко богатство. Тие не се сопственост ниту на една влада. Припаѓаат на сите граѓани и никој нема право да ги става истите во функција на приватни интереси без јасни правила, без контрола и без согласност на граѓаните“, истакна Тренчевска.

Таа нагласи дека предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство не се технички измени, туку системски промени во начинот на управување со природните ресурси.

„Измените и дополнувањата по скратена постапка не се технички измени, тоа се системски промени на начинот на којшто се управува со природните ресурси. Вакви значајни закони треба да се носат во редовна постапка, транспарентно, не тивко и не на брза рака. Потребно е процесот да биде транспарентен и со јавна дебата“, рече Тренчевска.

Предупреди дека ваквите законски решенија можат да имаат директни негативни последици врз здравјето на граѓаните.

„Овие измени и дополнувања на овие два закони предизвикуваат штетни последици врз здравјето на граѓаните. На големите компании ќе им биде профитот, а на граѓаните загадувањето и сите други штетни последици по здравјето“, потенцираше Тренчевска.

Таа нагласи дека СДСМ бара двете точки да бидат симнати од дневниот ред и вратени во редовна собраниска процедура, со цел да се отвори вистинска јавна дебата со сите засегнати страни, граѓанскиот сектор и експертите.

„Од тие причини, предлагаме точка 10 – Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за минерални суровини по скратена постапка и точка 11 – Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за концесии и јавно-приватно партнерство по скратена постапка, да се симнат од дневен ред и да се достават во редовна постапка, за да можеме да отвориме јавна дебата со сите засегнати страни, со граѓанскиот сектор и со експертите од оваа област, сè со цел да донесеме закон којшто нема да штети на здравјето на граѓаните и нема да штети на животната средина“, заклучи Тренчевска.