„Амнести Интернешнл“: Тројца светски лидери се „предатори“ кои го уништуваат светот

Точка

21/04/2026

21:34

1.097

Големина на фонт

а а а

Глобалната организација за човекови права тврди дека лидерите на трите држави што стојат зад разорните војни ги поттикнуваат и другите држави на кршење на правата.

Израел, Русија и Соединетите Американски Држави го предводат уништувањето на глобалните човекови права, објави „Амнести Интернешнл“, опишувајќи ги лидерите на тие земји како „ненаситни предатори“ насочени кон економска и политичка доминација, пренесе Ал Џазира.

„Глобалното опкружување во кое можеше да процвета примитивната бруталност се создаваше долго време“, напиша Агнес Каламар, генералната секретарка на оваа организација, во годишниот извештај за состојбата со човековите права во светот, објавен во вторникот.

Во 2025 година „беа направени нагли пресврти од меѓународниот поредок замислен по Холокаустот и целосното разурнување од светските војни, кој во изминатите 80 години се градеше бавно и болно, иако недоволно“, рече таа.


На прес-конференција во Лондон во понеделникот, Каламар изјави дека повеќето влади настојуваат да ги смират „предаторите“ наместо да им се спротивстават. „Некои дури помислија и да ги имитираат насилниците и грабливците“, додаде таа.

Меѓутоа, Шпанија е исклучок во Европа поради критиката на израелскиот геноцид врз Палестинците во Појасот Газа и американско-израелските напади врз Иран, и „стои над двојните стандарди што го уништуваат меѓународниот систем“, истакна Каламар.


Таа смета дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин, кој во 2022 година испрати војска во соседна Украина, имале „апсолутно драматично“ влијание врз светот.

Нивното однесување „ги охрабрува сите оние кои се склони кон слични постапки“, рече Каламар. „Тоа овозможува умножување на имитатори ширум светот, па сега се соочуваме со многу поагресивна и побрутална состојба отколку пред три или четири години“, нагласи таа.

„Авторитарните практики се засилени ширум светот“

Извештајот на „Амнести“ за состојбата со човековите права во светот носи мрачна слика, документирајќи напади врз основните граѓански слободи во повеќето држави.

„Авторитарните практики се засилени ширум светот“, се наведува во извештајот, кој на 400 страници опишува наводни прекршувања во земји од Авганистан до Зимбабве.

Израелскиот геноцид во Газа, руските „злосторства против човештвото“ во Украина, како и американско-израелската војна против Иран, се наведени како примери на конфликти во кои се игнорира меѓународното право.


Во делот за репресија, Обединетото Кралство се критикува поради пресметката со движењето за солидарност со Палестина и групата „Палестајн екшн“ (Palestine Action), која спроведува директни акции против локации поврзани со израелската војска и моментално води правна битка против нејзината забрана како „терористичка“ организација.

Талибанците во Авганистан се одговорни за натамошна родово условена дискриминација во 2025 година, се наведува во извештајот, заедно со мерките што ги исклучуваат жените од образованието и работата, додека непалските власти се обвинети за неуспех во истрагата на случаите на насилство врз жените Далити.

Извештајот на „Амнести“ доаѓа во време кога низ светот беснеат бројни конфликти.

Американско-израелскиот напад врз Иран однесе повеќе од 3.000 животи, додека израелските напади во Либан усмртија речиси 2.400 луѓе. Во Газа, потврдениот број загинати од израелските напади од октомври 2023 година надмина 72.500, додека разурнатата територија и натаму е изложена на бомбардирање. Во Украина, од почетокот на сеопфатната руска инвазија пред повеќе од четири години, загинале повеќе од 15.000 луѓе.


Конфликтите на Блискиот Исток „се производ на тонење во беззаконие, овозможено од визија за свет во кој војувањето и убивањето цивили се нормализираат“, рече Каламар.

„Не беа преземени ефикасни чекори против Израел поради неговото повторено и континуирано кршење на основните стандарди на човечност“, истакна таа

Сепак, „Амнести“ гледа и одредени причини за оптимизам.

Наведува примери на „отпор“, како протестите што ги предводи генерацијата З (Зет); сè поголем број држави што ѝ се приклучуваат на тужбата на Јужна Африка против Израел за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (ICJ); обвиненијата на Меѓународниот кривичен суд – МКС (ICC) за злосторства против човештвото против поранешниот филипински претседател Родриго Дутерте; специјалниот трибунал на Советот на Европа за злосторството агресија против Украина; како и налогот за апсење на МКС против двајца талибански лидери поради „родово заснован прогон“.