Тројца јапонски војници загинаа, а еден беше повреден кога за време на вчерашните вежби граната експлодираше во тенк на воен полигон во јужна Јапонија, соопштија официјални лица.
Смртоносната експлозија се случила додека тројцата војници биле во куполата на тенк Тип 10 за време на вежба со боево гаѓање во која учествувале уште два тенка на полигонот Хиџудаи во префектурата Оита.
Четвртиот член на екипажот, возач, преживеал, но бил повреден, објави Асошиејтед Прес (АП).
Началникот на Генералштабот на јапонските копнени сили за самоодбрана, Масајоши Араи, изјави дека војската ги прекинала сите операции со боево гаѓање со тенкови Тип 10 и Тип 90, кои користат ист тип граната, додека истрагата за причината и околностите на несреќата е во тек.
„Брзо ќе ја утврдиме причината за да можеме да преземеме превентивни мерки“, рече Араи. Тип 10 е најновиот јапонски тенк, кој влезе во оперативна служба во 2011 година.







