Плејада од познати дами ја красеше церемонијата на доделување награди „Breakthrough“ во Лос Анџелес: филмски диви, музички икони, спортски шампионки... Сепак, едно добро познато и убаво лице од светот на модата некако особено се издвои - заводливата Џиџи Хадид блесна во гламурозна бела креација, која потсетува на незаборавната холивудска ера и нејзините божества.
Бидејќи во последно време ја гледаме во центарот на вниманието само на одредени модни недели, јасно е зошто нејзиното појавување на овој настан привлече толку големо внимание. Иако не е филмска дива, сензационалното издание на Џиџи Хадид успеа да нè врати во златното доба на филмовите и гламурот од старата школа кој е толку безвременски што секое оживување е, со добра причина, зачудувачки и носталгично.

Прекрасната манекенка пристигна во грациозен, кристално бел фустан со потпис на Дејвид Кома, скулпторска креација која едноставно се вклопуваше со нејзините беспрекорни облини. Свилениот фустан со винтиџ околувратник и централен детаљ - предимензиониран златен брош, му даде на супер-елегантниот изглед посебен шмек.

Сандалите на Андреа Вазен, дискретниот накит и малку брановидната коса, за која беше задолжен фризерот Димитрис Јанетос, совршено се вклопија во приказната. На аналитичарите за убавина на списанието „Vogue“ особено им се допадна карминот, кој му ја даде на овој - како што го нарекоа - божествен стил таа специфична ретро нота и ги потсети на едно издание на Марлен Дитрих од нејзините најдобри години.

Со други зборови, Џиџи Хадид блесна на црвениот тепих, речиси засенувајќи ги другите ѕвезди на најгламурозниот настан минатиот викенд, вклучувајќи ги Марго Роби, Ен Хатавеј, Салма Хајек, Марија Шарапова, Гал Гадот, Зои Салдана, Мишел Јео, Оливија Вајлд и други.










